Доста е едноумие, доаѓа времето на шареното!

by Фокус

„Шарената револуција” добива се повеќе боја. Демонстративни маршови денеска имаше низ повеќе градови во Македонија.

Освен протестот во Скопје, во организација на „Протестирам” демонстрации има и во Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип, Велес , Битола, Кавадарци и Охрид.

Граѓаните веќе осми ден по ред, протестираат против одлуката на Иванов за аболиција на политичарите и бараат одложување на изборите закажани за 5-ти јуни.

Нивното мото е „Нема правда нема мир”, а симболот им е шаренилото, со кое ги „фарбаат” објектите и спомениците кои се дел од проктот „Скопје 2014”.

– Со право нè нарекуваат „шарената револуција“. Нашите протести се навистина шарени, не само поради балоните со боја. Пензионери и студентки рамо до рамо, жени и мажи заедно во првите редови, левичари, либералки, десничари, земјоделци, работнички, музичари, професорки, за етницитет и вера и не прашуваме. Доста е едноумие, доаѓа времето на шареното!  ‪- велат организаторите на протестите.

Како и изминативе денови, голем број на демонстранти денеска се собраа пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство каде го започнаа маршот. Од таму, тие продолжија пред Собранието на Република Македонија, па застанаа пред Владата.

Во меѓувреме, со шаренило беа обоени и споменикот на Прометеј, како и постаментот и војниците на Александар на плоштадот.

За крај, со боја беа офарбани и општинските бараки на Град Скопје, пред кои се скандираше „Робија за Коце”.Приодот од страната на паркот го чуваа полициски сили и не дозволува приближување кон бараките.

Протестите завршија мирно и без инциденти, а граѓаните , како секој ден, и утре во 18 часот ќе се соберат пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство, каде им е збирното место за секој протест. 

Поврзани новости