Притворените во акцијата „Лепак“ од притвор во Шутка заминаа директно во затвор, откако спогодбено се согласија на предложените затворски казни на Јавното обвинителство. Но, дали нивната вистинска адреса е затворската, по излегувањето од притвор, или пак тоа е домашната адреса за да се испочитуваат некакви рокови предвидени со Законот за извршување санкции, кои директно се поврзани со човековите права?
Како и да е, „Лепак“ се вброја како прва судска спогодба за делата од организиран криминал. По неколкуте договорени пресуди за поинакви и помали кривични дела, досието „Лепак“ е првото во кое поголема група признава вина, а со тоа и предложените казни. Најстрога санкција од три години му е одредена на Стојан Лазаров, истакнат член на ВМРО ДПМНЕ, поранешен претседател на УМС Струмица. Потоа следува Ацо Димитриев со две години и седум месеци. Третообвинетиот Јане Милушев има година и седум месеци. Другите имаат казни помали од една година. Некои од нив ќе мораат да платат од 1.600 до 2.500 евра.Внукот на претседателот Борис Трајковски доби казна затвор од шест месеци.
Со оглед дека казните се спогодбени, пресудата стана правосилна. Јавното обвинителство и обвинетите ги искористија 90-те дена предвидени за истрага во кои доколку не се постигне договор околу вината и големината на казната, тогаш е задолжително покренување обвинителен акт. Во случајот, ден пред истекот на рокот, двете страни се согласиле околу висината на затворските казни.
Иако навидум со ова Законот за кривична постапка (ЗКП) функционира ефикасно, особено при договорање на санкциите, сепак прашањето околу притворот сѐ уште не е спроведливо во пракса, односно не е прецизирано во законот. Со тоа, дилема отвора и непочитувањето на некои одредби и рокови предвидени со извршувањето санкции. Имено, тројцата судии кои работеле на спогодбената пресуда за „Лепак“ треба да го известат судијата за извршување санкции во судовите надлежни за казните.
Во случајов судот во Струмица и во Гевгелија. Тој судија има рок од осум дена да ја изврши пресудата, што значи дека тоа може да го направи и осмиот ден. Така една седмица осудените ќе беа дома. Понатаму, тој испраќа упатен акт на домашната адреса на осуденикот во вид на покана за издржување на казната. На таа покана се наведува установата во која треба да „лежи“, местото и времето кога да се пријави. Судијата за извршување секогаш во праксата внимавал – откако ќе го извести осуденикот да му остави една седмица да се подготви, пред се психички, но и матерјално (храна, облека, средства за хигиeна). Во секоја покана, наведуваат искусните адвокати, има правна поука дека осуденикот во рок од три дена може да побара одложување на стартот на казната од различни причини.
Овој пат таквото право не се ни споменало, а не пак некој да побарал одложување на казната. Со оглед дека ваквите законски прoпишани норми и рокови не се опфатени во новиот Закон за кривична постапка, притворениците во еден ден стануваат затвореници. Значи, ЗКП ефикасно може да реши случај, но при тоа ги загрозува правата на осудениците, пред се оние поврзани со хуманиот аспект. За да се снајдат, тројцата судии, кои работеле на спогодбената пресуда за „Лепак“ ги премолчиле прашањата за притворот и за роковите задолжителни пред изгвршување на санкцијата. Тие ја донеле пресудата и толку. Никаде не предвиделе што и како да се прави со притворениците.
Така тие по автоматизам станаа затвореници. Од утрината, кога притворот истекол, поголем дел од осудените се пренесени во затворот во Струмица, еден во Гевгелија и еден, според казната, би требало во Идризово. Адвокатот Коста Нојков се согласува дека роковите, иако се директно поврзани со правата на осудениците, сепак сега губат значење на штета на обвинетите.
– Никој не се произнесе за ваквите прашања, иако осудениците се ставени во понеповолна ситуација. Се знае какви рокови има и кој судија извршува казни. Но, ова ништо е не опфатено со ЗКП и затоа настануваат контрадикторни ситуации. Сметам дека можеби требаше прво да ги пуштат дома, па потоа да следи законска процедура- вели Нојков.
Инаку акцијата „Лепак“ приведе 13 лица, пред се вработени во царината на граничниот премин Ново село кон Бугарија. Лицата задолжени за транспорт набавувале брендирана облека во Бугарија и во Грција и ја оставале во околината на граничниот премин од другата страна. Потоа со возила, кога на смена биле пријавените цариници, ја пренесувале во Македонија. Од преминот текстилот се дистрибуирал низ продавници во повеќе градови. Парите кои се заработувале групата ги делела.