Досие “Фершпед”

by Фокус

Фершпед е еден од сеуште недоразоткриените феномени на македонската транзиција. Сомнителна приватизација и долги судски спорови кои во периодот на оваа власт се „затворија“, го следат неговиот Штерјо Наков. И покрај сите контроверзи, тој успеа да го прошири бизнисот во хотелеиерство („Александар Палас“ и хотелите „Метропол“ во Охрид), трговијата („Технометал“) и винарството („Сковин“).

Влезе и во медиумите, но набргу за багателни 150.000-тина евра мораше да ја продаде „Алфа ТВ“. Пред некој ден „пукна тиквата“ меѓу него и Кираца Трајковска, партнерката во сите овие бизниси. Се очекуваат значајни поместувања во империјата „Фершпед“.

„Фокус“ постојано пишуваше за феноменот Штерјо Наков. Од богатото досие „Фершпед“, ова е интервју објавено во март 2006 година.

Драгослав Димески и Милорад Јовчевски, се луѓето кои ја започнаа битката низ институциите за незаконитостите во приватизацијата на ‘Фершпед’. Димески бил и еден од 16-те менаџери што го презедоа управувањето, додека Јовчевски бил само обичен акционер. Предизвикани од неодамнешните први јавни изјави на Штерјо Наков, тие во разговорот за ‘Фокус’ остануваат на тврдењето дека досието ‘Фершпед’ упорно се забошотува благодарение на моќното лоби што го контролира Наков.

ФОКУС: Во што е феноменот на Штерјо Наков?

ДИМЕСКИ: Штерјо Наков беше примен во ‘Фершпед’ на 1 октомври 1983 година, кога јас бев помошник директор на стариот генерален директор, Благоја Златевски. Кога Штерјо стана генерален, јас останав и негов помошник директор. Во што е феноменот? Мислам дека нему едноставно ‘условите’ му погодуваа да стане најмоќниот човек во Македонија. Под услови, пред се’, мислам на кризата и ембаргото кон Србија. Всушност, на Штерјо му тргна веднаш по осамостојувањето на Македонија од 1991 година.

ЈОВЧЕВСКИ: На почетокот добро му одеше благодарение на тоа што беше близок со Реформските сили на Стојан Андов. Од таму тргна целата работа, бидејќи Андов беше во врска со Анте Марковиќ. А, потоа дојде втората среќа за него, ембаргото кон Србија, од кое што се офајдија малкумина, а најмногу Штерјо бидејќи владата донесе одлука дека само одредени типчиња од оваа држава можат да го кршат ембаргото, да прават одредени специфични работи со Србија и за тоа да земаат дебели пари. И наместо тие пари да одат во буџетот, државата дозволи тие пари да завршат во џебовите на поединци, со тоа што им дозволи монопол во тој бизнис, независно што две до три фирми имаа таква можност за работа.

ДИМЕСКИ: Нема теорија. Нафтата и бензинот купени во Солун и товарени во железнички или друмски цистерни чинеа околу 208 до 210 долари по тон, а знаеја да чинат и по 192 долари. Но, беа продавани во Србија до 500 долари, а при крајот и по 700 долари по тон.

ФОКУС: Значи, околу 300% поскапо. Дали државата имаше евиденција на протокот на овие пари? Сето тоа одеше на црно?

ДИМЕСКИ: На протокот на стоката имаше контрола, а на парите не. За стоката мораше некој да ја крене рампата во Куманово за да помине. Вредноста на нафтата ја контролираше ‘Фершпед’ односно Штерјо. Ние плаќавме на инсталациите на ‘Џет оил’ и ‘Мамидакис’ во Солун, а парите од продадената нафта во Србија доаѓаа преку ‘Фершпед’. Е, сега, како се делеа парите, тоа не знам, но големи разлики се.

ЈОВЧЕВСКИ: Не беше само во прашање бизнисот со нафтата, тука е и бакарот. Така што не беше само една зделка. А бакарот во тоа време, поради условите што ги имаа Србите, доаѓаше со 21% под берзанската цена, што во хронологијата на светските берзи се нема случено дотогаш.

ФОКУС: Значи, тука е и ‘Бучим’ инволвиран во сето тоа?!

ДИМЕСКИ: Да, секако и ‘Бучим’, но и Комората со Душан Петрески беше битна алка бидејќи таа издаваше сертификати дека бакарот е произведен во Македонија. Тогаш најголем извозник на бакар во Европа беше Македонија, а бакар ниту едно кило не произведувавме.

ЈОВЧЕВСКИ: Добро, се искористиле погодните услови во регионот, но проблемот е што од целиот тој бизнис наместо да има ќар државата и граѓаните, ќарија само поединци. Па, барем да вратеа нешто за државата, а не се’ да приберат за себе.

СЕ’ ДА ОСТАНЕ ВО ‘ФАМИЛИЈАТА’

ФОКУС: Потоа следува проектот ‘приватизација на Фершпед’?

ЈОВЧЕВСКИ: Приватизацијата за време на Анте Марковиќ била во ред, според документите кои биле познати. Проблемот е што тогаш се немало сознание дека е направен фалсификат во вториот примерок на регистрацијата. Значи, никој не знаел во тој период дека всушност се фалсификувани судските документи.

ФОКУС: Значи, тоа мора да се направило со помош на некој од судството?!

ЈОВЧЕВСКИ: Па, секако, не може никако поинаку.

ФОКУС: Во 1995 год. е трансформацијата на ‘Фершпед’ со менаџерски откуп. Тука тврдите дека се фалсификувани акционерските книги. Дали Агенцијата за приватизација можела да не знае дека таму има дубари?

ЈОВЧЕВСКИ: Можела да не знае. Таа ги прима документите, со изјава од овластените лица на фирмата, од директорот, дека се тие вистинити. Иако не верувам дека не знаеле, бидејќи тоа е договарано. Не можело туку така некој да се осмели да даде фалсификат документи во државна институција. Имало сомнеж, бидејќи се побарало во тоа време од Службата за општествено книговодство да изврши ревизија. И тие нашле некакви неправилности кои требало да се исправат. Како се исправени, не знам.

ФОКУС: Тоа е она што деновиве Наков го кажа дека имало тогаш некакви забелешки, ама ги исправиле?

ДИМЕСКИ: Доколку Агенцијата за приватизација направела анализа би утврдила со кој процент одат менаџерите за доприватизацијата. Како? Бидејќу му дала потврди за поседување обични акции. Го доставиле списокот и на база на тој список тие прават акционерска книга каде што го зголемуваат процентот од 3,66% на 13,99%. Е, тоа ако го споредела агенцијата, да ги види потврдите и да ја види акционерската книга, ќе утврдела дека нешто не се совпаѓа.

ЈОВЧЕВСКИ: И нормално, тоа проаѓа токму во времето на Таки Фити, тоа е моќта на лобито, со крајна цел – се’ да си остане во Фамилијата.

ФОКУС: Но, во 1998 година кога се очекува промената на власта, наеднаш повторно во акционерските книги добиваме поинакви податоци?

ЈОВЧЕВСКИ: Тоа се прави затоа што коалицијата ‘За промени’ ветуваше дека ќе прави ревизија на приватизацијата, па со цел да се покријат трагите нормално дека документите требаше да се средат. И тоа го направија, повторно со едно фалсификување од еден акционер на друг. Во целата постапка на приватизацијата нема ништо законско. Барем една работа да кажеш дека е законска. Нема ништо законито што е направено од почеток до крај. Тука е феноменот на Штерјо Наков.

ДИМЕСКИ: Секаде во светот во акционерството се прави една акционерска книга, и на таа книга се бележат сите промени што настануваат како купување или продавање на акции. ‘Фершпед’ во 1991 година дава список на акционери. Сите вработени добија акции. Тогаш ‘Фершпед’ се приватизираше со 56,02%. 16-те менаџери, по законот на Анте Марковиќ, имавме 663 акции и тоа е 3,66% за менаџерскиот тим. ‘Фершпед’ издава акционерска книга на 15 март 1995 година, значи само 20 дена после издавањето на потврдите за поседување обични акции, при што наеднаш акциите на менаџерите нараснуваат на 2584 акции или разликата е 1921 акција односно 10,6%. Толку акции се префрлени на менаџерскиот тим од обичните акционери. Тоа е измамата. На 30 ноември 1998 година се влегува во доприватизација, и таму веќе менаџерскиот тим има 6137 акции.

ФОКУС: Што е тука сега симптоматично или спорно?

ДИМЕСКИ: За доприватизацијата на ‘Фершпед’ на база на менаџерски откуп требаше да се откупат 6.771 акција за доприватизација, а поделени се само 6137 акции. Остануваат неподелени 634 акции.

ФОКУС: Каде се тие акции?

ДИМЕСКИ: И јас се прашувам каде се, но веројатно Штерјо и Кираца Трајковска си ги задржале тие акции што ги зеле од акционерите, а од доприватизацијата им ги вратиле на дел од обичните акционери. Ако го анализираме Штерјо Наков, тој уплатил во готово 2 милиона 223 579,65 марки, или околу милион и 100 илјади евра. Поделено со вредност на една акција – 1.200 марки, значи дека со тие пари, тој откупил 1.853 акции. Со кредитот што го има подигнато од ‘Стопанска банка’ во износ од  1.076.768,58 марки, и кога ќе се подели вредност на една акција од 1.200 марки, тој со кредитот откупил 897 акции. И кога ќе се соберат вкупно тој платил 2.750 акции, а поседува 4.236 акции. Кога ќе се одземат овие акции од тие што ги поседува, се прашуваме како ги платил 1.486 акции или помножени со 1.200 марки, овие 1.486 акции чинат еден милион 783 илјади и 200 марки.

УЛОГАТА НА КИРАЦА

ФОКУС: Не е јасно од каде се тие еден милион и 800 илјади марки?!

ДИМЕСКИ: Не е проблем од каде се парите, туку овие 1.486 акции не му се платени. Два милиона марки тој ги извадил од девизна штедна книшка, односно Митко Димов на два пати уплатил по 1 милион од девизна штедна книшка на име на Штерјо. Тоа стои и во записникот на УЈП, поточно дека со наредба од истражниот судија извршен е увид од девизната штедна книшка на Димов, за 1995 и 1996 год., при што е констатирана уплатата во готово од околу 2 милиона марки. Митко исто така е Влав и тие се врзани по таа линија. Но, кредитот од ‘Стопанска банка’, околу еден милион марки, Штерјо го зема со гаранција на ‘Фершпед’ односно со доставување на акцептни налози од фирмата. И она што е особено занимливо, месечната отплата на кредитот била 13 илјади, а на Кираца околу 8 илјади марки.

ФОКУС: Вие од 1999 година почнувате да реагирате на незаконитостите, а сте дел од менаџерскиот тим.  Каде пукна работата?

ДИМЕСКИ: Во 1993 година, на почетокот на јјули, Штерјо во неколку наврати ми вршеше притисок да одам како претставник на ‘Фершпед’ во Солун. Одбивав првично бидејќи сум бил претставник надвор, уште во 1978 година, па му предлагав да оди некој од помладите колеги. Тој ми велеше: ‘Не, ти ќе одиш, ја познаваш работата, го познаваш јазикот, ги познаваш луѓето’. И јас прифатив. Во Солун бев од 1993 година до крајот на 1998 година. И откако се вратив, во 1999 година, но и додека бев во Солун, кога ќе се јавев кај Кираца, ја прашував: ‘Што е со приватизацијата, колку акции имам’, а таа одговараше: ‘Не се секирај, се’ е во ред, јас еден ден ќе ве соберам во Маврово, и ќе ви објаснам’. Но, ниту еден состанок не беше одржан за да ни се објасни како ќе се приватизира фирмата и кои се нашите обврски.

ФОКУС: Значи, ваквата приватизација е проект на Штерјо и Кираца?

ДИМЕСКИ: Да, на Штерјо и Кираца, а никој од менаџерите не знаеше колку акции добил, се’ додека јас не се вратив, и отидов во судот да ја подигнам акционерската книга како акционер. И тогаш видовме како се присвоени акциите од страна на Штерјо и Кираца и веднаш реагирав. Отидов кај Кираца и ја прашав: ‘Што е со приватизацијата? Еве ја акционерската книга и како можеш ти да имаш 1.600 акции, а јас 230 акции’. Таа ме упати кај Штерјо. Го прашав Штерјо што е со акциите. Тој ми рече дека ни самиот не знае колку точно има, дури ми рече дека можеби јас имам и повеќе акции од него. Тогаш видов колку е саатот. И така постепено се заладија односите.

ЈОВЧЕВСКИ: Јас бев цело време од 1996 година тука во Скопје, но во опозицијата. Во Бугарија бев од 1992 до 1996 година и тоа во тој период кога овде ‘се чисти’ работата.

ДИМЕСКИ: Имавме и уште еден постар колега, Зечевиќ, кој беше помошник директор пред мене. Него Штерјо го прати во Украина. Оние што можат да прават проблем, ги тргна сите надвор. Уште ни велеше: ‘Ете, земате плата по 6.000 до 7.000 марки’. Те отстранува на елегантен начин, да бидеш задоволен и да не се буниш, да не одбиеш. Не беше толку силен тогаш. Тој испланирал да ги тргне тие луѓе што можат да прават проблем, оние што беа повлијателни, постари во службата, за да си ја прави приватизацијата по негов терк. И тоа го направи. Јас кога дојдов беше доцна и почнаа ‘трзавици’. Тој ми предложи да одам во пензија една година предвреме, но јас одбив. И на 1 октомври 2000 година, кога ги исполнив условите, отидов во пензија.

ФОКУС: Сте чукнале на врати на многу институции, кај многу политичари, а случајот никако да се расчисти. Кој го создаде моќникот Штерјо Наков?

ЈОВЧЕВСКИ: Се знае кој можеше и кој беше премиер: Бранко Црвенковски го создаде феноменот Штерјо. Без оглед дали тој дал благослов или едноставно премолчувал, а требало да реагира кога имал толку докази. Секоја таква јавна личност треба да реагира или да наложи службите да реагираат. Такво нешто не е направено. За жал, излегува дека денес со пари се’ се купува, дури и држава можеш да си купиш ефтино, зависно од тоа кој е на власт.

ФОКУС: Значи ли тоа дека Наков ги има финансирано сите?

ЈОВЧЕВСКИ: По некакви сознанија, иако тоа не може никој да го потврди, нели, дури и државните ревизори не можат да влезат во партиските финансии, Штерјо Наков ги има финансирано сите, и тоа е веројатно неговата формула за успех. За жал, тоа е тоа. Има информации дека и сега, веќе во овој период се дадени пари на одредени партиски адреси.

ЗОШТО ЗАСТАРЕ ИЗВЕШТАЈОТ НА СТАНИНОВ?

ФОКУС: Љубчо Георгиевски јавно изјави дека Наков му ги купувал неговите најблиски соработници?!

ЈОВЧЕВСКИ: Георгиевски нека не се прави како Јосип Броз Тито дека ‘не знаел за Голи Оток’! Љубчо Георгиевски имаше животна шанса, поголема и од Бранко Црвенковски, да направи држава. Што си ја пропуштил, тоа си е негов проблем. Сите ќе имавме ќар од таа работа. А, Георгиевски ако сака секогаш може да помогне и да се заангажира овој случај да се расветли, бидејќи и Љубе Бошкоски, еден од неговите најблиски компањони, поради влијанието на влашкото лоби во моментов, и во нивна режија, е во Хаг. За жал, излезе дека оние што ја бранеа државата сега се осудувани. Зошто?! Затоа што некој ги загрозил интересите на оние кои што го земаа имотот на генерации Македонци, од војната, па се’ до 2000 година.

ФОКУС: Но, нели на почетокот од мандатот на Георгиевски имаше контроли во ‘Фершпед’. Што се случи?

ЈОВЧЕВСКИ: Во 1999 година декември, во време на Сашко Станинов, направен е записник од УЈП за контрола на сите приходи и расходи, при што е утврдено дека ‘Фершпед’ должи на државата 93 милиони денари неплатени даноци по основ на персонален данок, данок од добивка и акциза. И тој записник остана во УЈП и до ден денеска не виде бел ден и сега е застарен.

ФОКУС: Можеби едноставно ‘Фершпед’ си ги платил давачките?

ЈОВЧЕВСКИ: Не знаеме, ама и да се плати дополнително за акцизата, тука нема прошка.

ДИМЕСКИ: Штерјо сигурно не ги потплатувал сите луѓе, како што изјави Љубчо Георгиевски. Ако ги потплатил, тогаш со кој износ ги потплатил и дали Љубчо зел нешто од тој износ, бидејќи молчел, а знаел дека ги потплатува. Според неговата изјава тие луѓе останале во ВМРО-ДПМНЕ, а во Народната партија немало такви луѓе. Нека ги каже тогаш кои се.

ФОКУС: Груевски молчи за случајот  ‘Фершпед’? Ви делува ли реално шпекулацијата дека Штерјо го финансира сега ВМРО-ДПМНЕ?

ЈОВЧЕВСКИ: Пред извесно време Штерјо Наков го пречека Никола Груевски на вратата во ‘Фершпед’ со обраќање ‘претседателе’ и потчукнување по рамо. Тоа не мора ништо да значи, но сепак е индикативно. Кога се отвори случајот ‘Фершпед’, Груевски беше претседател на Комисијата за хартии од вредност, и тој го знае случајот подобро од сите, и од Георгиевски, и би требало да даде изјава, независно каква и да е, позитивна или негативна. Тој треба да го каже своето мислење како главен опозиционер.

ФОКУС: Очигледно дека владата на Георгиевски се зафати да го бутка случајот ‘Фершпед’ дури пред крајот од мандатот?

ЈОВЧЕВСКИ: Георгиевски наеднаш се сврте против Штерјо затоа што ‘Вест’ му ја откри куќата на Водно.

ФОКУС: Како случајот ‘Фершпед’ од 2002 година наваму успешно се држи во фиока, иако Антикорупциската комисија е доследна во ставот дека таа приватизација е незаконска?!

ЈОВЧЕВСКИ: Антикорупциската комисија е единствен светол момент во оваа држава. И треба да и’ се дадат дополнителни ингеренции. Но, уште со самата промена на власта беше јасно каде ‘лобито’ ќе биде распоредено, кои функции ќе ги земат. Во обвинителството веднаш дојде Стерјо Зиков, се знае кој е и што е. Другата спона, што е најважна, бидејќи јас како физичко лице не можам ништо да направам за да го заштитам интересот на државата, е Зоја Лега, Јавниот правобранител. Значи и да сакаш, имаш законско право да поведеш иницијатива само преку јавен правобранител. Јавноста не ни знае како изгледа Зоја Лега. Ќе се скриеш во дупката, затоа што мислиш дека таму си најсигурен. Инаку, таа треба и на сомнеж да реагира, а не пак на вакви недвосмислени документи.

ДИМЕСКИ: Да нагласам дека досието ‘Фершпед’ исто така е дадено и на Врховниот суд. Јас го однесов додека беше претседател Симеон Гелевски.

ФОКУС: Па, затоа Наков во интервјуто на ‘Телма’ рече дека како дојде новиот претседател на Врховниот суд (Дане Илиев), предметот се завршува во нивна полза. Од антикорупциската, пак, Слаѓана Тасева објасни дека Врховниот суд само пресудил дека владата не е надлежен орган да поништи приватизација. Што е точно од сето ова?

ЈОВЧЕВСКИ: Врховниот суд си игра сега со законот. Органот кој што донел одлука има право да ја поништи доколку подоцна се сомнева дека истата е штетна за државата. А тоа е владата бидејќи таа дава потврда, но на база на мислење на Агенцијата за приватизација. Но, многу добри играчи се, затоа што 99% од луѓето не го разбираат тоа ‘високо’ право, но сметам дека е неисправна нивната одлука.

ХАРИ ПРВО ГО ПОБАРАЛ ДОСИЕТО ЗА ‘ФЕРШПЕД’

ФОКУС: По ’15 септември’ сите се изненадија што банкарот Хари Костов стана министер за внатрешни?

ДИМЕСКИ: И како министер, Хари Костов веднаш ги побарал документите за ‘Фершпед’ и кривичната пријава што ја напиша полицијата. А Кираца Трајковска му отишла со букет цвеќе да му го честита министерското место. Кога повторно дојде на власт СДСМ, во ‘Фершпед’ се правела фешта со музика, со пеење, свирење, радување, демек, еве го, нашиот спас е тука.

ФОКУС: И три и пол години минаа единствено во нова, трета контрола од УЈП, што беше објаснето со едно ступидно објаснување дека претходната контрола била пред изборите во 2002-та. Па, го чуваа во фиока, де ќе го извадат тој извештај, готов е, па чекајте, па ваму е, и кога го извадија…?!

ЈОВЧЕВСКИ: Знаете ли кога го извадија? Пак по порачка кога дојде на дневен ред приватизацијата на ‘Македонски железници’, и не може повторно да се купува државен имот, а да не си чист. Директорката на УЈП Петра Митева не зазеде став туку таа рече дека по нивните анализи, оваа трета контрола покажала дека е запазен редот и сите одлуки се според процедурата, но не навлезе во суштината.

ДИМЕСКИ: Петра Митева рече дека не ги негира претходните записници, не вели дека тие не се исправни. Јас лично го немам видено тој последен записник на УЈП. Имам некои сознанија дека тој е правен за периодот по 1996 година, а по 1996 година се’ е нормално. Криминалот е направен од 1994 до 1996 година, а од 1996 година се’ е во ред, и никој не го напаѓа тој период.

ФОКУС: Да, но ова говори дека УЈП тргнува многу свесно во селективно третирање на случајот за да дојде до таков поволен заклучок?!

ДИМЕСКИ: Петра, ако е исправна, треба да рече дека претходните записници не се точни и овој записник е точен. А, ако не ги негира претходните записници, значи и тие се точни и овој е точен, само што тие се за периодот од 1991 до 2000 г., а таа демек за да не се повторуваат ги гледала документите од 1996 г., кога работата е чиста. Значи, правено е по порачка.

ЈОВЧЕВСКИ: Овој записник е всушност само хронолошки запис какви одлуки се носени и согласно кој член од законот. Нема заклучок тука. Тука е ‘кваката’, бидејќи ако ти како управа не кажеш има или нема, тогаш значи не заземаш став туку има мафтосување. И овој записник не излезе во јавноста. Погледнете со колку жар УЈП, правобранителката и министрите се внесени во случајот ‘Орка’, дури и Јани Макрадули во улога на заштитник на лобито поставува пратеничко прашање, а од друга страна сите овие институции и поединци максимално го игнорираат и развлекуваат или одмолчуваат случајот ‘Фершпед’. Постои двоен аршин, максимално селективен пристап што нема врска со правна држава.

ФОКУС: Штерјо Наков меѓу другото кажа дека таа контрола во 2002 година била правена од страна на полицијата, а не од УЈП?

ЈОВЧЕВСКИ: Еве, во тој записник пишува дека контролата е направена со потпис од Горан Трајковски како директор на УЈП, а не МВР. Значи повторно имаме лага. Други документи има земено полицијата, и тие се однесени во судското депо, затоа што УЈП нема такво право, само МВР со налог од истражен судија. И тоа е направено токму со налог од истражен судија. Земени се оригиналните документи, однесени во судско депо и заведени под К број. А дали се таму се уште, не знам.

ФОКУС: Што очекувате сега кога случајот се актуелизира, а јавноста прв пат можеше и да го слушне Наков на ТВ?

ДИМЕСКИ: Ако се има волја, треба да се расчисти случајот и да излезе се’ на виделина. А со вулгарната изјава за А1 и потоа и разговорот за ‘Телма’ се виде кој е Штерјо Наков и која е неговата култура.

ЈОВЧЕВСКИ: Тоа се луѓе кои што се навикнати да работат под заштита на државата во монополски услови, тоа се типчиња на диктатори и тирани. Условите овде ни се како во Боцвана на времето, и така и тие точно се однесуваат. За жал, за нашите деца што треба да живеат овде нема светла иднина се’ додека вакви луѓе управуваат со државата преку полугите на власта. Тоа е трагедијата. Не е битно дали ќе биде Штерјо газдата или некој друг. За да има демократија, мора да има пазар, а кај нас пазар нема. Штерјо и не знае да работи пазарно. Ако го биваше зарем ќе дозволеше таква јака фирма 15 години да не се прошири барем на Балканот, а и подалеку. Има едно претставништво во Солун, од времето на СФРЈ. Новоотворено е само она во Белград, но служи како канцеларија за врски.

ФОКУС: Но веќе и странците овие 10-тина олигарси ги третираат како кочничари на реформите, и забележуваат дека странски капитал не дојде во Македонија затоа што тие не го дозволуваа тоа?

ЈОВЧЕВСКИ: Па, доволна е изјавата на Хари Костов дека во банкарскиот систем во следните барем 4 години не треба да влезат странски банки. Тоа е смешно. Тоа јасно покажува дека оваа олигархија прави се’ да го спречи влезот на странскиот капитал во земјава, а со тоа и развојот. Да не беа овие нивни игри и блокади, таа нивна алчност и себичност, до сега Македонија ќе беше навистина успешна приказна.

БУЧКОВСКИ МОЖЕ ДА ГО РЕШИ СЛУЧАЈОТ

ФОКУС: Да, но сега Штерјо ќе купувал хотели во Косово?

ДИМЕСКИ: Во Косово можеби може да купува бидејќи и таму е како кај нас. Јас би го поздравил да купи во Франција, да купи во Германија каде што се искристализирани условите.

ЈОВЧЕВСКИ: Еве уште една работа, тендерот за ‘Саса’ Злетово и Блажо Тасев. На човекот му ги зедоа парите при најрегуларен тендер и се’ уште не му ги вратиле. И министерот Стевче Јакимовски тогаш изјави дека му биле сомнителни парите. Тасев е државјанин на Словенија и тие кажаа дека за нив се’ е чисто, а за нас не е чисто. Зошто? Имаше некакви други интереси. Не го купи нивен човек. Но, после 3 месеци што се случува, ‘Панорама’ ја гради Штерјо Наков со некаква турска фирма. И кога некој праша: ‘Чекај, од каде се тие пари’, министерот Владо Димов изјавува: ‘Мене не ме интересира од каде се парите’. Ако им одговара, ги интересира, а ако не, не ги интересира.

ФОКУС: Интересно е што Штерјо беше газда на ‘Панорама’, но хотелот во 2002 бил купен од фирмата ‘Серена трејдс ЛТД’ од Девствени острови, а официјално дури после две години и формално преминува на ‘Фершпед’?

ДИМЕСКИ: Во договорот со Агенцијата за приватизација стои купувач и продавач. Го имам видено договорот, и само на крајот ги видов потписите на Штерјо и Кираца за ‘Панорама’ како купувачи. А дали зад нив стоела нивна фирма од Девствените острови, не знам. Е сега дали е лично нивно или е на ‘Фершпед’, исто не се знае. Таму во договорот стои купувачи.

ФОКУС: Може ли да застари случајот ‘Фершпед’?

ЈОВЧЕВСКИ: Имотни случаи, сопственоста, никогаш не застаруваат, а посебно ако е во прашање интерес на држава. Може државата да си го бара имотот назад или да биде обесштетена.

ФОКУС: Дали очекувате после парламентарните избори дека може нешто да се промени? Значи ли ова дека и Бучковски го штити Наков?

ЈОВЧЕВСКИ: Бучковски, според она што до сега го има направено, лично мислам дека има и добри намери. Сега, дали условите во кои што работи, му создаваат некакви конфликтни ситуации, тоа е друго. Но, доколку тој би сакал, бидејќи е и професор по римско право, ова може да го реши спиејќи.

ФОКУС: Или, ако партијата многу не забраздила со ‘нати го, дај ми го’?

ЈОВЧЕВСКИ: Тука веќе не се знае, а има веројатности.

ДИМЕСКИ: И јас мислам дека Бучковски има чесни намери, ама колку му е овде можноста и силата, не знам. Ако некој не го притиска и него.

ФОКУС: Добро, Вие не се откажувате?!

ДИМЕСКИ: Не се откажувам. Јас имам две тужби и тоа прво за неправилна поделба на акциите на менаџерите. Таа е од 2000 година, седи во судот. Имам и втора тужба затоа што не ми е исплатена дивиденда колку што ми следува за 1996, и за 1997 година. И таа тужба е во процедура, одржани се неколку рочишта. Сега повторно има вештачење и оди некако бавно.

ЈОВЧЕВСКИ: Што да се каже за судот, кога на тужба, во која се повикуваме дека не е одржано редовно собрание согласно законот, дека целата постапка е незаконска, тоа не го спори ниту претставникот на ‘Фершпед’, и самиот суд  установува дека е така, но донесува одлука која што е спротивна на утврденото. Инаку, во редовна постапка овој предмет се решава за две рочишта и за тоа се знае каква ќе биде пресудата. Треба некоја меѓународна експертска организација да дојде да ги провери тие работи, бидејќи нашиве се проблем. Сите се под некое влијание или некој некого може да го притисне. За жал, кај нас секој може да биде притиснат. Тука е проблемот. Не мора да биде купен, може да биде притиснат. Заради иднината на оваа држава, односно за децата кои треба тука да живеат, мора да се расчистат овие работи. Не заради тоа дали е некој виновен или не, туку да се покаже дека правдата може да дејствува во оваа држава. Да не викаме дека само имаме реформи, а всушност ништо во пракса да не се менува. Еве, останува да се замолат факторите од ЕУ, нели сме кандидати за членство, а имаат огромна моќ, со еден телефон да побараат да се расчистат работите. Бидејќи и тие ќе имаат интерес што побрзо да се расчисти оваа ‘црна дупка’.

Кој се’ го добил досието: ЗОШТО МОЛЧАТ?!

Пообемното досие ‘Фершпед’ Драгослав Димески и Милорад Јовчевски го имаат доставено до следните институции:

Агенцијата за приватизација, во времето кога директор е Марјан Ѓорчев; Министерство за внатрешни работи, во времето на Павле Трајанов; Потпретседателот на Владата, Доста Димовска; Министерот за финансии, Никола Груевски; Американската, британската и германската амбасада во Скопје; Канцеларијата на ОБСЕ; Европската комисија; ММФ и Светската банка, во 2002; Бранко Црвенковски, во предизборието, август 2002; Тито Петковски и Стојан Андов како пратеници во 2003 година; ‘Фершпед’ е доставен како прв предмет до Антикорупциската комисија. Според Димески и Јовчевски, единствено Едвард Џозеф во едно свое интервју на ТВ, побарал ревизија на приватизацијата на ‘Фершпед’, но наскоро замина од мисијата на МКГ во Македонија. Се разбира, останува и Антикорупциската комисија која не отстапува од својот став дека има ‘матни’ работи во оваа приватизација. Димески и Јовчевски апелираат до сите да се изјаснат јавно што мислат за ова досие.

Приватизација на ‘ФЕРШЕД’: ПРВ СПОРЕН МОМЕНТ

ЖТП Фершпед’ ДОО воопшто не можело да изврши трансформација по законот на Анте Марковиќ, затоа што е основан со 51% средства од Јавното претпријатие ЖТП, кое пак е основано од Собранието на СРМ. Значи, таму капиталот е државен, а не општествен. Со оглед на тоа што не постоела одлука на ЖТО за трансформацијата, со тоа е оштетен државниот капитал. Сите акти се ништовни бидејќи се незаконски.

ВТОР СПОРЕН МОМЕНТ

Агенцијата за приватизација овозможува менаџерски откуп за ‘Фершпед’, иако 16-те менаџери имале откупено само 3,66% од проценетата вредност на претпријатието, а законскиот минимум е 10%. Но, направен е фалсификат во акционерската книга каде што на некои акционери им се намалени акциите, во полза на некои менаџери. Со ваквото ‘напумпување’ менаџерскиот тим ‘добил’ 13,99%. Тоа се случува еден месец пред во април да го склучат договорот со Агенцијата. Сепак, на 30 ноември 1998, откако СДСМ ја губи власта, се издава нова акционерска книга, во која на обичните акционери им се враќаат одземените акции, кои во 1995 требаше да го набилдаат цензусот над 10%. За овој меѓупериод од три години, акционерите со ‘одземени’ акции, сепак си добивале дивиденда на вистинскиот број акции.

ТРЕТ СПОРЕН МОМЕНТ

Менаџерите на ‘Фершпед’ земаат кредит од ‘Стопанска банка’ врз основа на писмена изјава за залог на потврдите за обични акции, иако истите во тоа време не преставувале хартии од вредност. Договорите биле склучени во 1996, а дури после 40 месеци до банката се доставени акциите како залог. Исто така, како гаранција за овие кредити за физички лица биле дадени акцептни налози од фирмата,  односно од ‘Фершпед’, што е спротивно на законот.

Акции
ФИКТИВНИ ДОГОВОРИ

ДИМЕСКИ: На 21 февруари 1995 година Штерјо имал 50 акции, а Кираца 41 акција. Во делот од потврдите за промени кај обајцата набележани се повеќе купувања на акции. Според моите сознанија, ова се измислени купувања, затоа што не постои лице што поседувало 364 акции, колку што, на пример, наводно купил Наков, или Кираца демек купила 490 акции. Во ‘Фершпед’ Штерјо поседуваше максимум акции – 50, така што никој немал ниту 100,  а камоли 200 или 300 акции. Дури доколку би купил двесте акции од 20 лица, на пример, тогаш би морал за ваквите зделки да склучи 20 договори.

Цифри од кои ‘боли глава’: ДНЕВНО ПО ПОЛОВИНА МИЛИОН ДОЛАРИ САМО ОД ЕМБАРГОТО

За време на ембаргото кон Југославија само од тоа што власта овде му дозволи на ‘Фершпед’ да носи нафта и бензин за Белград, се заработија милиони. Еве, за илустрација: за еден ден да заминат само два воза. Еден маршрутен воз има 20 цистерни, секоја цистерна е натоварена со околу 50 тони нафта или бензин, или вкупно еден воз има околу 1.000 тони. И сега, удрете ги разликите во цените што претходно ги кажав, се добива заработувачка, само во разликата на цените, од околу 500 илјади долари. Од нив да ги одбиете транспортните трошоци, приближно 30 илјади долари, имате чист ќар од 470 илјади долари. Дневна е оваа заработувачка. Понатаму множете ја сумата со денови, недели и месеци, колку што траеше ембаргото и ќе добиете цифри од која боли глава.

Поврзани новости