Поранешниот известувач на Европскиот парламент за Босна и Херцеговина, Дорис Пак оцени дека не смее да се дозволи промената на границите на Балканот и рече оти не може да сфати дека претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, ја поддржуваат таквата политика.
– Мислам дека прашањето за промена на границите на Балканот или Југоисточна Европа е нешто што не смееме да дозволиме. Ако сте свесни за она што се случуваше во последниве години во овие земји во регионот, не смеете да бидете за промена на границите. Ако тоа започне, тоа е почеток на крајот, рече Пак во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа истакна дека многу луѓе од денешната европска политика не се дел од политиката на деведесеттите и дека не можат да сфатат и не знаат, но дека оние што знаат што се случувало, кои го познаваат регионот и неговиот менталитет, мора да бидат многу внимателни.