Во координација со Министерството за здравство ќе одлучиме кога ќе се избира нов градоначалник на Штип. Ова го истакна мандатарот за состав на новата Влада, Зоран Заев при денешната посета на Македонска Каменица од каде потенцираше дека Истокот како никогаш досега и кадровски и територијално ќе биде застапен во новата Влада.
-Истокот на Македонија е доста застапен во новата Влада јас сум среќен затоа што се изнедрија кадри кои што можат да бидат чесни и одговорни репрезенти на целиот наш народ, покрај градоначалникот на Штип, Берово има министер, Крива Паланка има министер, јас сум од Југоистокот на Македонија, живеам во Струмица. Ова го кажувам заради тоа што кога се прави селекција и на првите функции во државата, се води грижа и за територијалната застапеност, застапеноста на жените и мажите во Владата. Конкретно за Штип, верувам дека Владата заедно со Советот ќе изнајде решение заедно со Министерството за здравство дали поради епидемијата нови градоначалнички избори ќе има сега, или после 5-6 месеци, за што верувам дека заедно ќе ја утврдиме одлуката, рече Заев.