Дополнителна воена помош за Украина

by Фокус

Велика Британија и Данска ќе ѝ испратат на Украина дополнителна финансиска и воена помош.

Двете земји информираа за помошта за време на состанокот на европските министри за одбрана во Копенхаген, каде се договара долгорочна поддршка за Украина.

Велика Британија, која на Украина веќе ѝ донираше напредни системи за оружје и обезбеди обука за неколку илјади украински војници, објави дека ќе испрати повеќе ракетни системи, а планира и да донира „значителен број“ проектили со прецизно наведување М31А1, што може да погодат цели оддалечени до 80 километри.

=Оваа последна транша од воена поддршка ќе им овозможи на вооружените сили на Украина да продолжат со одбраната од руската агресија и неселективна употреба на артилерија со долг дострел – изјави британскиот министер за одбрана Бен Волас.

Данска ќе ја зголеми својата финансиска помош за Украина за 110 милиони евра, рече премиерката Мете Фредериксен.

-Ова е војна против вредностите на што се изградени Европа и слободниот свет… Денеска повторно ја потврдуваме нашата посветеност да ја поддржиме Украина – порача таа.

Украина ќе продолжи да добива поддршка и од Германија. Германскиот канцелар Олаф Шолц најави и понатамошно снабдување со оружје за борба против Русија.

Поврзани новости