Донт ју Барок ми!

by Фокус

Пишува
Александар ПЕТРОВ

Скопскиот центар станува сѐ потесен. Главната градска рeсорса остана без тронка простор за својот иден развој. Нејзината пренатрупаност ја уништи пазарната вредност на земјиштето и со тоа тој простор се девалвира самиот со себеси.

Најголем узурпатор е токму несмасниот политички проект „СКОПЈЕ 2014“. Тој го оптеретува јавното и градско ткиво, до степен на загушеност. Не преставува никаква развојна визија и го нагризува токму оној сегмент од градот кој е најбитен. Интервенциите на „СКОПЈЕ 2014“ се состојат од споменици, гаражи, рефасадирање и специфични девијации (псеудо брод-ресторан, псеудо врба-канал, псеудо барок-зграда и псеудо тркало-рингишпил).

Ваквите хибридни симболи се распоредуваат долж просторот кој е преостанат од центарот и преку нив политичката номенклатура систематски го запушува морфолошкото битие.

Се форсира оправданоста на проектот со економска цел „прилив на странски туристи“ но нивниот зголемен број се должи пред сѐ на нискобуџетните авиокомпании, кои за цена од 29,99 евра пренесуваат туристи од познатите европски дестинации (меѓу другото се субвенционирани од државен буџет). Просто речено ние самите ги плаќаме туристите за да им го покажеме нашето немилосрдие.

2014 година веќе пројде. Ќе мора да се размислува за денот потоа, кога најважно ќе биде цврсто да се наметне јавниот интерес околу идната функција на градот. Притоа, ќе мора сериозно да се пристапи кон маркирањето на оваа површина што го зафати градското добро. Најбитна ќе биде јавната дебата и интеракција, која би можела да се одвива во повеќе правци, преку сеопшта мобилизација:

1. Архитектите и планерите преку нивната асоцијација да организираат серија на семинари и работилници каде ќе се креира нова урбана стратегија на амортизација и правци на развој за да се пронајдат можните сценарија за иднината на градот и централното подрачје.

2. Инволвираност на универзитетот, преку отворена иновативност и партиципација.

3. Градските самоуправи да се отворат на секоја добронамерна иницијатива и да партиципираат во креирање на јавното добро. Да постигнат баланс помеѓу засегнатоста и интересот и преку целокупен процес да произлезат студии и планови по мерка на потребите и можностите на градот. Добра јавна архитектура е возможна само кога јавниот инвеститор (политиката) е свесна за важноста на квалитетот на просторот во кој нејзините граѓани живеат.

4. Граѓаните, корисниците и активистите исто така да бидат фактор преку учество, забелешки и сугестии.

Ќе мора да се изработи темелна студија, а потоа транспарентно да се реализира по фази. Во прилог на тоа може да се распише јавен меѓународен конкурс каде би биле поканети докажани планери кои би дале свое видување на бараните сценарија. Да видиме и разбереме како на тоа гледаат искусните и која би била цената на новиот ефект.После последното забегување, немаме право на уште едно промашување. Сите можни прилики да се искористат максимално.

Интересно би било, кога секој од нас би партиципирал со свои тези. Во случајов би прикажал една надреална, како лична, со можност да се развие во дебата, а што да не и да премине во мноштво од иницијативи. Таа е за секој граѓанин, кој го живее и сака градот. Според овој концепт, најбитно ќе биде прво централното градско подрачје целосно да исчезне за да може повторно да се постави:

Синило (прва фаза)

Време е да си одиме,таму далеку
Таму далеку, во еден поубав свет
И јас пак ќе се вратам
Време е

„Сина соба“ – Мизар

Ова песна е реквием на пропаднатиот и обезличен град. Тагата на градот изморен и истроштен од лошата и неквалитетна транзиција. Сепак биењето на камбаните при крајот од песната го означува новиот почеток врз кој градот пак ќе никне.

Песната е инспирација, за сите таканаречени дела на „СКОПЈЕ 2014“, преку сеопшт зафат да се посинат. Ваков тип на превенција би бил најприлагодлив и најефтин. Имено би станало збор за јавна инвестиција од 8 тона сина мрсна боја против рѓосување, која би се користела за да се офарбаат постоечките бронзени бурлески кои произлегоа од најдепресивниот период на постоењето на градот.

Foto 05-01-15 01 05 59 copyEднаш така офарбаните ќе можат да се прераспределат делумно и низ другите градови за да се растерети веќе загушениот и уништен простор. Како пример може да се посочи на офарбаниот син меремер на Цар Самоил каде би се поставил при влезот од градот (на пример Охрид), бидејќи неговата курпулентност не му дозволува друга позиција (така би се добило во симбологија каде глупоста би била опколена од светата природа).

За жал неговата финансиска оправданост не може веќе никогаш да се врати. Единствено исплатлив би бил воинот на коњ, доколку се подари на градот Солун, и на тој начин би се инвестирало во зачувувањето на идентитетот, во знак на добра воља.

Овој гест на фарбање би преставувал многу битен исчекор, каде со хроматското демаркирање ќе се олесни тежината на овие скулптури преоптеретени со небитен и измешан материјал од рељефи и кич интонации. Сето тоа е перцептивно битно за да дојде до израз грдиот зафат.

Кога ќе падне во очи тоа масивно синило, многу јасно ќе се изперцепира рапавата и несразмерна поставка на ова чудовиште во сооднос со постоечките градби. Воочлив ќе биде импактот врз постојаната урбана хармонија од соврапозиции на различни периоди во кој градот се развивал. Тоа ќе преставува и еден временски санаториум кој ќе се прикаже еден насилен акт и ќе потсетува на мизеријата од нашата историја, вакуум простор во кој ќе се сплотуваат страстите кои произлегоа од поделеноста во градот. Штом ќе се обнови довербата во него, ќе треба потребно време и за целиот тој апсурд да исчезне потполно.

Foto 05-01-15 01 33 15 copyНово јадро (втора фаза)

За да се разбие и одели „СКОПЈЕ 2014“ од реалноста на градот, големиот ринг може да подлежи и на добро осмислен урбан маркетинг, каде преку квалитетно изработен план би се форсирало преместувањето на централното тежиште од малиот ринг према помалку изградениот дел на Маџир Маало.

Овој дел од градот е предвиден и замислен според планот на Танге, како транспортен Центар. Во тој план, изграденоста е масивна перцепирана преку мега структури од кој сепак најбитен е булеварот Крушевска република. Ваков тип на метаболистичка визија од 60-те години е многу убава и напредна, но крајна самата по себе бидејќи има повеќе литературна, отколку архитектонска вредност.

Затоа овој урбан план во сегашни услови не може да се постигне бидејќи реалноста и проблемите се променија. Впрочем, затоа и градскиот ѕид беше прилагоден на реалните услови, иако концептот стана утопистички. Малиот ринг се прилагоди на реалните услови преку градскиот ѕид, но тој дел од Маџир Маало никогаш повеќе не се преработи.

Треба да се мисли на помало и да се размислува како во проретчен облик на форма во комбинација со инфраструктурата и градската маса може да се пренасочи урбаното жариште од плоштадот Македонија.

Во случајот Транспортниот центар има голем потенцијал, затоа што сѐ уште е неартикулиран, во близина е на природна ресорса (реката Вардар), а сме и во непосредна близина на железничката и автобуската станица кои носат огромен прилив на луѓе. (Кога некој првпат ја гледа пространоста на железничката станица се создава привид на повеќемилионски град).

Доколку се загуши и ГТЦ, тоа ќе биде единствен потег за детоксикација и пренасочување на најбитната артерија на градот. Откога како таков стариот центар ќе се дефокусира од јавниот дискурс, ќе почне социјално да се деградира а со тоа и градбите од „СКОПЈЕ 2014“ да се уништуваат самите од себе. Таквиот новосоздаден простор повторно би бил примамлив за приватната иницијатива, која би учествувала во неговото расчленување само преку концесии и користење на тој празен простор еднаш кога ке се срушат несаканите градби,без никаков државен трошок.

Ќе треба да се дебатира и осмисли, како да исчезнат ад хок дивите девијации од и по рабовите на реката Вардар.

sk madjar maalo propose_01 Model (2)Космополис (трета фаза)

Новиот центар би бил благо изграден, само колку да ги дефинира и зачува урбаните празнини, додека пак приватниот простор би се рационализирал во интерес на градската структура. Со густината што ја задава сегашниот ДУП може да се интервенира со високи типологии, згради чија висина не би била повисока од таа постоечката на градскиот зид (12-13 ката). Форсирајќи дополнителна густина би се заштитило и непотребното ширење на градот према падините на Водно, и со тоа би се заштитило непотребното уништување на природата, а градот би станал поконзистентен, покомпактен и проретчен.

Со тоа ќе се добие отворен поглед, од надворешноста и внатрешноста на градбите, поглед на „висина“ на градот. Јавниот простор ќе мора да биде замислен како профитабилен механизам за да може да функционира самостојно. Социјално културната мапа на таа површина ќе треба да има и голем капацитет на самостојно кодификувани елементи, како „плоштад“ или „градина“ (или заедно урбан лендскејп). Урбаната празнина не смее да премине во приватната сфера.

Критично во сето ова размислување е секако постоечкиот соживот на станарите долж централното јадро каде е замислен преку овој процес. (Нивниот хабитат не смее никако да биде уништен) и пред сѐ културното наследство кое се наоѓа на одредени делови од Маџир Маало.

Сепак, ова е само едно размислување за идниот можен развој на градот. Секој од нас има слобода да се охрабри да го посака само она најубавото во кое сите ние ќе сакаме да живееме. За легендарниот Оскар Нимаер, „фантазијата е мечтаење по подобар свет“.

Оваа иницијатива може да биде сѐградска, каде секој учесник ќе може да се понуди со свои идеи во најразлични облици на приказ: колаж, цртеж, фотомонтажа (секоја техника е дозволена) и сите заедно да ги испратиме како писма до адресите на градските и извршните управи, како некогаш кога масивно праќавме разгледници до Европската унија за да го заштитиме националниот идентитет. Дајте да си го заштитиме и овој градскиот.

Среќна Нова Година, Скопје.

Foto 05-01-15 13 34 52П.С: Овој запис нема амбиција да ги наметне замислените факти, туку само во облик на памфлет да ја иритира и провоцира граѓанската свест, да започне јавна дебата за преродбата на градот од средновековието кое го затекна.

Поврзани новости