Во Собранието со 72 гласа „за“ и 37 против денеска пратениците го изгласаа буџетот за 2017 година. Против гласаа пратениците на СДСМ и коалицијата, а сите останати беа „за“.
-Овој буџет мора да го донесеме за државата да може да функционира. Предвидува раст од 3 проценти овој буџет, да не беше оваа политичка криза за 2017 година, растот ќе беше 4 проценти. Мислам дека е добро на денешниот ден кога ни е последен ден на работа да дадеме позитивен тренд и да го изгласаме буџетот за 2017 година, овој документ е од големо значење за граѓаните. Може да го менувате после избори, но треба да го поддржите. Се надевам дека мојот апел ќе вроди со плод. Ми беше чест што работевме заедно во изминативе години, рече Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето.
За СДСМ овој буџет е криминален и му е подметнат на министерот за финансии, Кирил Миновски.
-Зошто не кажавте дека 20 милиони траба да се дадат за панорамското тркало? На комисијата немаше дебата затоа што вие не бевте тука и отидовте во Вашингтон. Потпишавте 450 милиони обврзница. До каде ќе оди задолжувањето? ВМРО ќе ги изгуби изборите. Втори и трети сме биле во Европа, кој ви верува во тоа, народот тоне во сиромаштија и беда. Кажете им на граѓаните за какви капитални инвестиции зборувате, парите од буџетот на граѓаните ги трошите на непродуктивни пари. Груевски се фати за СДСМ а него го вози возило од 600 илјади евра, му порача Сугаревски на Миновски.