Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев смета дека кај приватните здравствени установи треба да се бара одговорот зошто ја зголемиле цената на тестовите за КОВИД-19 која првично за оваа услуга им била 1.500 денари.
На новинарско прашање за огромната разлика на цените за тестови за коронавирус меѓу јавните и приватните установи, тој појасни дека според анализа на Фондот од пред извесен период се утврдило дека евентуалната цена за тест за КОВИД-19 по ПСР-методологија би била околу 3.600 денари, но истовремено, рече, цената која се наплаќа во слободни услoви на пазарот изнесувала 1.500 денари.
– Затоа беше донесена одлука за цена од 1.500 денари, бидејќи во тој момент цената која беше јавно дадена од приватни здравствени установи изнесуваше 1.500 денари. Зошто потоа приватните здравствени установи ја зголемија цената, треба ним да им се постави прашањето, рече Дончев.
Тој појасни дека ФЗО имал воспоставено цена по т.н. ДРГ-методологија уште во 2013 година за правење ПСР односно молекуларни тестови која изнесувала 5.500 денари. Меѓутоа, рече тој, тогаш само една или две јавни здравствени установи располагале со таков вид технологија и тестови и во услови кога потребата од такви тестови била значително помала односно пред да настапи пандемијата со КОВИД-19.
– Нормално е кога се прават значително помал број тестови, трошоците се фиксни, а варијабилните трошоци се помали зашто нема обем на тестирање и затоа цената беше утврдена на 5.500 денари. Од кога се соочивме со КОВИД-19, ја поставивме ДРГ-цената и таа важи за сите кои склучуваат договор со Фондот, без разлика дали се работи за јавна или за приватна здравствена установа, рече Дончев.
Во однос на извештајот на Комисијата на Министерството за здравство кои установи ги исполнуваат условите за правење тестови на КОВИД-19, директорот на ФЗО одговори дека покрај Клиниката Жан Митрев,, и за уште четири други приватни здравствени установи е утврдено дека ги исполнуват условите за простор, опрема и кадар за правење тестирање по ПСР-методолгија за КОВИД-19.