Освен што примил 50.000 евра за консултантски услуги од македонска компанија, поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев лани примил и 80.000 австралиски долари од австралиска компанија, кои исто така не ги пријавил во анкетниот лист, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
Како што објавивме пред две седмици, Управата за финансиско разузнавање го известила Обвинителството за организиран криминал дека Дончев примил околу 3 милиони денари од компанијата регистрирана во струмичко Муртино за интернет-портали „Ремаркет“, која пак се финансирала исклучиво од австралиската компанија „Мегантик“.
Притоа, од австралиската компанија тврдеа дека парите му биле исплатени за консултантски услуги од типот на „маркет потенцијал, операционална процедура и подобрување на бизнис-процеси и интергирани смектоводствени системи“ во периодот од 2013 до 2018 година, со тоа што, објаснуваа од таму, само во 2018 година му исплатиле на Дончев средства во вид на плата преку македонската компанија, бидејќи тој тогаш бил во Македонија.
Меѓутоа, новите сознанија до кои дојдовме говорат дека Дончев примил пари во износ од 80.000 австралиски долари директно од австралиската компанија и во 2019 година, иако тогаш, исто така, тој бил лоциран во земјава, а консултантски услуги давал до 2018 година?!
Воедно, податоците што ги обезбедивме говорат дека сопругата на Дончев – Зунка Дончева, своевремено била управител на компанијата „Вентуре Оне“, која пред да биде ликвидирана во 2010 била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“, дел од австралиската групација што своевремено склучи договор со МТВ за емитување сателитска програма.
Имено, како сопственик „Вентуре Оне“ се јавувала истоимена компанија со седиште на бахамските острови Туркс и Кајкос, кои всушност претставуваат офшор-зона.
Овојпат, Дончев одби да одговори на нашите прашања за новата трансакција, за ликвидираната офшор компанија, како и за двете фирми каде поседува акции, но не ги навел нивните називи и основот на стекнување.
Инаку, обвинителството води истрага за Дончев и уште неколку лица по кривична пријава за злоупотреба на службена должност и уцена, но воедно се обезбедуваат информации и за проверка на сомнение за перење на пари.
Од таму велат дека чекаат својата работа да си ја завршат и истражните органи како Министерството за внатрешни работи, од каде пак посочуваат дека веќе вршат проверки во компанијата „Ремаркет“.
Патем, од МВР велат дека побарале Дончев да биде ставен на стоп-листа бидејќи обезбедиле оперативни сознанија за ризик од бегство, меѓутоа обвинителството сметало дека таква мерка е непотребна, особено во ситуација кога се затворени границите.
Во меѓувреме, од Антикорупциската комисија посочуваат дека се постапува во рамки на предметот отворен за поранешниот директор на ФЗО, кој не смеел да остварува приход од консултански услуги додека вршел јавна функција, а кога веќе го сторил тоа – морал да го пријави.
Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк
Влатко Стојановски