Домаќинствата за 16,32 проценти ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во скапа (висока) тарифа откако се воведени блок тарифите, покажуваат анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
Согласно податоците, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, 244 kWh изнесувала просечната потрошувачка на електрична енергија од 1 јули заклучно со 31 октомври во висока тарифа, што е за 16,32 проценти помалку во споредба со истиот период од минатата година кога просечната потрошувачка изнесувала 281 kWh.
– Реформата е успешна, блок тарифите даваат резултати и ја постигнуваат таргетираната цел за рационално користење на електрична енергија.
Принципот кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку – има ефект и тоа го покажуваат анализите на просечната потрошувачка на електрична енергија во висока тарифа каде се регистрира за 16,32 проценти заштеда во потрошувачката од како ги воведовме блок тарифите од 1 јули до 31 октомври, изјавил Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, се наведува во соопштението.
РКЕ од 1 јули воведе четири блок тарифи со цел да испрати сигнал за рационално користење на електричната енергија. Првиот блок е до 210 kWh, вториот е од 211-630 kWh, третиот е во опсег од 631-1050 kWh и четвртиот е над 1050 kWh.