Партијата на Лиле Поповска, ДОМ денеска го праша министерот за странски инвестиции, Бил Павлески дали инвестицијата на „ДуПонт“ е еколошка.
– Од кои растенија се планира производството на етанол и од какво семе? Која институција е задолжена за контрола на семето и како ќе ја врши? Како ќе се обезбедиме од влез на генетски модифицирано семе, кое е забрането со закон? ДОМ ги цени напорите на владиниот тим за привлекување странски инвестиции, кој дава резултати – влегоа голем број странски инвеститори и се отворија илјадници работни места. Но, во светот се нудат и инвестиции кои можат да донесат загуба за една земја, а не добивка. Такви се инвестициите во нуклеарки, генетски модифицирана храна, како и загадувачка индустрија од различен вид – велат од ДОМ.
Загриженоста на ДОМ доаѓа оттаму што „ДуПонт“ е една од четирите фирми во светот што произведуваат огромни количества генетски модифицирана храна.
– Oваа американска фирма има фабрики за производство на биогориво низ целиот свет и секаде се работи со генетски модифицирано семе, заради поголеми приноси. Дали во Македонија ќе направат исклучок и ќе употребат природно семе? – праша женскиот портпарол на ДОМ Маја Морачанин.
Партијата бара одгоговори од министерот Павлевски и на следниве прашања:
– Каков вид растенија се користат (дали се дождовни шуми, растенија за храна, природни или генетски модифицирани организми и сл.)? Каква почва се користи (Дали се одзема плодна почва употреблива за производство на храна)? Дали се влијае врз биодиверзитетот со преголема употреба на пестициди, кои секогаш одат заедно со генетски модифицираните организми, но и со окупирањето на една територија со еден вид растенија? Колкаво количество вода се користи за производство и какво е влијанието врз водите? Какво е влијанието врз здравјето на луѓето во непосредната околина и пошироко од добиениот производ? Каков е целиот процес на производство и дали не произведува повеќе CO2 во атмосферата, отколку што ќе биде заштедата при употребата на етанолот наместо фосилно гориво и сл.
Поради сево ова, велат од ДОМ, многу е важно постапката за инвестицијата на „ДуПонт“ (DuPont) и на „Етанол Јуроп Рињуаблс Лимитед“ (Еthanol Europe Renewables Limited) да се води транспарентно и со целосен мониторинг од јавноста.
– Македонија мора да остане земја во која нема да се произведува ГМО за никакви цели, а трајна определба да биде производство на здрава храна и заштита на животната средина како услов за која и да е инвестиција – рече машкиот портпарол на ДОМ Тони Ристов.
Минатата недела имаше најава дека ирската компанија „Етанол Јуроп Рињуабл“ и американската „ДуПонт“ наскоро ќе почнат со изградба на најсовремена фабрика за производство на целулозен етанол во Прилеп. Павлевски со претседателите на двете компании потпиша Меморандум за соработка.
(ДОМ во соопштението испратено до медиумите го нагласува полот на двајцата свои портпароли)