Хелсиншки: Осудените и притворените во затворот во Куманово пијат фекална вода

by fokus 13:08
13:08

Кумановскиот затвор К’шње, е можен извор на зараза, бидејќи веќе со месци од него се излеваат фекални води, кои ги загадиле околните ниви, но и пивката вода, предупредија од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од комитетот исто така истакнаа дека и водата во затворот е загадена и небезбедна за пиење.

Како поткрепа на тврдењето, од невладината организација, презентираа стручни наоди од Институтот за јавно здравје, кој извршил тестирање на водата од затворот и од околината. И двата примерока покажале присуство на Ешерихија коли, поради што е утврдено дека водата не е за пиење.

- Advertising -

Според Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, јасно е дека во затворот не постои санитарна инфраструктура, туку има само септички јами, кои се излеваат во околината на затворот.

-Затворот, вреден 3,8 милиони евра, беше отворен во септември 2013 година, при што премиерот Никола Груевски истакна дека  установата има свој посебен систем за затоплување , посебен систем за водоснабдување, како и сончеви колектори за загревање на санитарната вода за потребите на кујната и бањите за осудените лица. Но, уште на почетокот на 2014 година, добивме поплаки од осудените лица за условите во затворот, вели Пировска.

Таа објасни дека откако обезбедиле примероци од водата веднаш ги однеле на испитување.

-Во текот на месец септември 2014 година од страна на осудено лице до Комитетот беше доставено шише со вода која се употребува во затворот. Водата имаше несвојствена боја и мали парчиња од непозната материја. Поради таа причина Комитетот ја испрати водата на лабораториско испитување по што беа добиени резултати дека водата не е безбедна за пиење, истакна Пировска, која додаде водата во затворот се носи со цистерна од селото Градиште.

Таа додаде дека во затворот се сместени околу 250 затвореници кои се приморани самите да си купуваат вода за пиење, која ја добиваат по многу поскапа цена од пазарната, односно за 30 денари. Поголемиот проблем го имаат, пак, околу 50 притвреници, кои не можат да си купат вода, бидејќи кај себе не смеат да имаат пари. Така да останува неизвесно каква вода пијат овие  станари на затворот.

Од Хелсиншкиот комитет биле во куманоско, каде што ги посетиле најблиските соседи на затврениците, возрасен брачен пар. кои се пожалиле дека нивниот дом е поплавен од фекалните води од затворот.

-Ѕидовите на куќата на семејството кое се состои од двајца сопружници на 80 годишна возраст се поплавени од темелите па сè до висина од два метра. Целосно поплавени се и нивниот двор и градина, а во околината се шири непријатна миризба. Семејството престанало водата да ја користи за пиење, но ја користи за напојување на домашните животни кои ги одгледува. И покрај тоа што семејството се обратило до надлежните органи, од нивна страна или воопшто не било одговорено или се прогласиле за ненадлежни, истакна Пировска.

затворк

zatvork1

 

Таа додаде дека при посетата земале примерок и од водата од бунарот на семејството, за која испитувањата покажале дека е загадена.

Поради ваквата состојба Комитетот ги повикува судиите за извршување на санкции, Управата за извршување на санкциите, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Народниот правобранител итно да постапат во согласност со своите надлежности и да го спречат можното ширење на заразни болести и загадувањето на животната средина во затворот и неговата околина.

-Во текот на оваа седмица Хелсиншкиот комитет ќе се обрати со допис до сите наведени институции во кој ќе бидат содржани повредите на соодветните законските одредби, извештаите од испитаната вода и слики од влијанието на фекалната вода која се испушта во природата и приватните имоти околу затворот, истакнаа од Хелсиншки.

 

 

 

Поврзани новости