Партијата на Лилјана Поовска, ДОМ денеска информираше оти ги подготвила кривичните пријави против „Макстил“ и „Југохором“ поради загадување на животната средина со отпадни материи.
„Се повикуваме на прекршување на одредбите од Законот за животна средина, како и на Уставот на РМ. Кривичните пријави се поради загрозување на здравјето на граѓаните на Скопје и на Тетово, како и поради уништување на животната средина во градовите и нивната околина.
Законот за животна средина е донесен во 2005, а металуршкиот сектор имаше обврска да подготви оперативни планови за еколошко прилагодување до крајот на 2006. Во секој оперативен план беа наведени предлог-мерките за отстранување на одредени еколошки проблеми со рок и со цена на чинење. Краен рок за реализација на активностите од оперативниот план беше 1 април годинава, кога загадувачите требаше да бидат еколошки прилагодени . За жал, „Макстил“ и „Југохром“ не го испочитуваа законот и не ги отпочнаа навреме набавките на потребната опрема, па продолжија да загадуваат со несмалено темпо, не обрнувајќи внимание на поплаките на јавноста и на укажувањата и на казните од институциите“, се вели во соопштението на ДОМ.
Од партијата инфомираат дека ги чекале резултатите од последните мерења на квалитетот на воздухот, за да ги приложи како доказ, но со оглед на тоа што сѐ уште не се познати, за доказ ќе ги приложат резултатите од претходните мерења каде има драматични пикови за надминување на дозволената граница.