Полицијата заедно со граѓаните ќе патролира во Ѓорче Петров

by Фокус

Министерката Гордана Јанкулоска, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митревски денеска во истоимената општина го промовираа проектот „Соседска патрола“.

Во патролите би се вклучиле заинтересирани граѓани,  кои, пак, заедно со полицијата во нивните населби, маала, соседства, би можеле  заеднички да патролираат и да ги посетат локациите на кои се случуваат зачестени кривични дела и прекршоци од областа на јавниот ред и мир.

За подрачјето на Ѓорче Петров за почеток е предвидено да се реализираат четири патроли (соседска полиција) во тековниот месец, односно една патрола неделно. Соседските патроли ќе ги сочинуваат жители на Ѓорче Петров претставници од месните заедници, директори на училиштата и на градинките, родители, односно сите оние  граѓани кои ќе пројават интерес.

Предвидено е најчесто да се патролира во покритичните места,  на пример Реонски парк „Ѓ.Петров“ – каде што има собирање на млади во доцните часови и каде што најчесто се нарушува јавниот ред и мир. Потоа населба Јурија – социјални згради во близина на болницата „Св.Лазар“, како и село Волково, населбата Хром (делот кај кружниот ток) каде  млади лица се собираат со мотори и конзумирааат алкохол и кај училиштето „Мирче Ацев“.

Токму во близината на болницата „Св. Лазар“ пред два месеца се случи убиството на матурантот Анѓел Петковски по што наредните денови имаше големи протести во населбата Ѓорче Петров во кои беа првртувани автомобили, контејнери и беа запалени неколку дуќани.

Инаку минатиот петок реализацијата на проектот отпочна и на подрачјето на Кисела Вода а минатата недела продолжи и на подрачјето на Драчево. Во наредниов период активностите ќе бидат проширени и на другите делови од главниот град и на државата.

Поврзани новости