ДОМ ги повика сите граѓани на Скопје што се водат од европски стандарди за хумано живеење, да им дадат поддршка на своите сограѓани од Карпош кои денеска протестираат против уништување на зеленилото.
-Еколошката свест кај граѓаните созреа, сега е време да се подигне свеста и кај сите политичари. Велиме СИТЕ, зашто здравата животна средина треба да биде заедничка грижа на СИТЕ политичари, независно од идеологија! Сите политичари треба да разберат дека урбаните граѓани во Македонија веќе не се импресионираат од градби и од бетонирање на нивната околина. Тие бараат подобар квалитет на живот, бараат допир со природата во своето секојдневие, бараат зеленило и чист воздух, велат од ДОМ.
ДОМ предупредува дека граѓаните не сакаат да живеат во град како Мексико Сити, бетонски мравјалник со субурбани населби на периферијата, град кој од 3 милиони за неколку децении доби 23 милиони жители и важи за најзагаден град на светот.