Долга е раката на власта

Разумен сомнеж

by fokus

Извршната власт никако нема право да ги прозива судиите. Ајде тоа да го направеа посуптилно и генерално, но прозивање судии по име и презиме, и уште барање отчет од нив е НЕДОЗВОЛИВО! ЕНДЕ!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Единаесет милиони евра е највисоката гаранција понудена и прифатена во историјата на Република Македонија. Единаесет милиони евра е и износот што треба да го имате за да излезете од притвор, иако сте неправосилно осуден на дваесет години затвор, колку што е и максимумот. Последново нормално е цинизам, но е одличен пример за последната игротека околу ослободувањето од притвор на Мијалков, па повторното притворање.

Да почнеме од почеток. Дали е исправна одлуката Сашо Мијалков да биде пуштен од притвор? Секако дека не, цела Македонија знае дека се обиде да избега и два дена беше недостапен. Од тие причини не смее да мрдне од притвор до правосилност. Дали смее министер за правда да прозива судии со име и презиме за одлука донесена по слободно судиско убедување? Секако дека не, тоа е директен упад во работењето на судот.

МАРИЧИЌ ГИ ЗНАЕ РЕЗУЛТАТИТЕ?!

Најскандалозниот момент е тоа што министерот ги знае резултатите од гласањето и кој како гласал, иако е тоа тајно. Нека дојде некој пак да ме убедува дека не им се на линија судовите и дека власта не се мешала. Смешки!

И на крај ќе се состанел Судскиот совет да дискутира како тоа некој судија смеел да одлучува како што тој смета, а не власта како што смета. Судскиот совет, патем, воден од човек на СДСМ што во животот не видел решение за притвор. Ако ова не е влевање страв кај судската фела, не знам што е. Или ќе судите ние како што сакаме, или ќе бидете разрешени, пораката е повеќе од јасна!

Никому не му текнало во изминативе години додека се нудат гаранции, од каде им на довчерашниве функционери еден, три, шест, единаесет милиони евра? Обидете се да направите каква било физичка уплата на над 10.000 евра ако сакате да добиете посета од Финансиска полиција да ве прашаат за потеклото на парите. Но, некои луѓе се поеднакви од другите!

Радоста на Сашо не траеше долго. На веста за притворот реагираа ресорниот министер Маричиќ и вицепремиерот Николовски. На крајно недопустлив начин, се прозиваа судии, иако се нормативно заштитени од одговорност за носење одлука, па дури се знаеше и точниот резултат на гласањето 2-1.

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА МИЛЕВА

Ние, практичарите знаеме дека ова е реткост бидејќи (иако законската одредба не е таква), вообичаено ги носат одлуките едногласно. Нејсе, судијката Милева гласала против и имала издвоено мислење, што е нејзино право, а воедно и јас од позиција на јавност се согласувам со нејзината одлука. Таа дури има право и јавно да ја застапува својата одлука.

Но, извршната власт никако нема право да ги прозива судиите. Ајде тоа да го направеа посуптилно и генерално, но прозивање судии по име и презиме, и уште барање отчет од нив е НЕДОЗВОЛИВО! ЕНДЕ!

Опасно се враќаме во темно време Грујово, кога Митриновски беше разрешен од претседател на Апелација и судија, бидејки гласал да се ослободи од притвор газда Бајруш. Да се потсетиме и дека Митриновски, ако не се лажам, доби и пресуда од Стразбур дека бил разрешен споротивно на законот, па државата ќе надоместува ако веќе и не му ги надоместила изгубените плати и придонеси.

Експресно организиран криминал при ЈО побара притвор за плацеви на Водно, а советот при единица го усвои предлогот за мерка притвор и со тоа на бате Саше му пропадна обидот да излезе од притвор, и тоа бидете убедени дека е поради притисокот на јавноста. Да се прашуваше оваа власт, ќе гледавме филмско сценарио, во еден ден Заев излегува од Владата, а Мијалков од притвор. И така пријателски прегрнати ќе чекореа кон средно богати бизнисмени. Холивуд!

Поврзани новости