Документите против зборот на новиот газда на „Соравиа“: Албанската „Пе-Вла-Ку“ не доставила понуда за автопатот кон Блаце!

Владимир Пјетeрѓокај, прв човек на албанската „Пе-Вла-Ку“, при презентацијата на заедничката инвестиција во „Соравиа“ со внукот на Али Ахмети рече дека неуспешно се обидел да добие јавни зделки во земјава, при што го спомена и автопатот кон Блаце, меѓутоа во извештаите од двете тендерски постапки за овој автопат што ги обезбеди „Фокус“ не се сретнува оваа фирма, ниту дека учествувала на електронска аукција, ниту дека била дисквалификувана откако поднела првична понуда.

by Фокус

Владимир Пјетeрѓокај, прв човек на албанската „Пе-Вла-Ку“, која го купи бизнис-центарот „Соравиа“ заедно со внукот на Али Ахмети – Дрин Ахмети, пред македонската јавност се пожали дека досега се обидувал да добие повеќе јавни зделки во земјава, но не успеал иако нудел најниски цени. Меѓу другото, тој посочи дека дека конкурирал и на тендерот за изградба на автопатот до Блаце, но не бил избран.

Моментално, тече реализацијата на првата фаза од изградбата на овој автопат. Станува збор за автопатска делница од 2 километри, за кои веќе се спроведоа 2 тендерски постапки и се склучија 2 договори и 5 анекси, со еден изведувач, чија вкупна вредност изнесува 28 милиони евра. Како што пишуваше „Фокус“, двата тендери спроведени од Јавното претпријатие за државни патишта ги доби градежната компанија „Гранит“.

Притоа, документацијата што ја обезбедивме открива како се спровеле тендерите, но никаде не се појавува името на „Пе-Вла-Ку“. Затоа, се обративме до албанската компанија и до ЈПДП, но веќе една недела не добиваме одговор на прашањето, ако навистина оваа градежна фирма учествувала во една или во двете постапки за споменатиот автопат, тогаш каква била нејзината понуда?

(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Според официјалните информации, ЈП за државни патишта и „Гранит“ на 16.01.2020 година го склучија првиот договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце, кој првично изнесувал 14, а на крајот достигнал 17 милиони евра после 5 анекси. Покрај „Гранит“, учествувале уште 2 компании – АД „Бетон“ која во меѓувреме пропадна, како и бугарската „ИСА 2000 ЛТД“. Од сите нив, само „Бетон“ користел поддршка од друга компанија, односно од „Еуромак Контрол“.

Извештајот од спроведената постапка што го обезбедивме според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер открива дека сите 3 компании ја минале фазата на евалуација, бидејќи ги исполнувале условите од тендерската документација, кои, меѓу другото, предвидуваа годишен приход од 10 милиони евра во последните 3 години. Патем, во извештајот не е наведено дека некоја компанија доставила првична понуда, но била дисквалификувана.

Сепак, овој договор, надграден и со 5 анекси, не бил доволен, па двете страни на 24.01.2023 година склучија нов договор за докомплетирање на трасата во вредност од 11 и пол милиони евра, со рок на изведба до 2026 година. За разлика од првата тендерската постапка, во втората воопшто немало конкуренција, па бил склучен нов договор со „Гранит“ како единствен понудувач. Овојпат, „Гранит“, не настапил самостојно, туку со техничка поддршка од друштвото „Геоконтрол“.

Инаку, „Пе-вла-ку“ е основана во 2005 година во Тирана и има подружници во Македонија, Косово и Хрватска. Податоците од регистарот во Албанија покажуваат дека сопственици на оваа фирма се споменатиот Пјетерѓокај, кој поседува удел од 53 отсто, додека негов партнер со удел од 47 отсто е Кујтим Арифај. Во основањето на компанијата учествувал и Петрит Имерај, кој пред десет години излегува од сопственичката структура.

Како што објави ИРЛ, повикувајќи се на албански медиуми, Имерај бил обвинет за измама и даночно затајување, при што државата била оштетена за 2.,5 милиони евра. Воедно, Пјетерѓокај и Арифај биле партнери со Имерај во уште 2 фирми во Албанија кои сега се затворени. Тоа се „Албанија Солар“ и „Њукон Солар“, каде се појавуваат повеќе имиња, меѓу кои е Пјетер Додај, еден од обвинетите за измама заедно со Имерај.

При презентацијата на инвестицијата во „Соравиа“, каде „Пе-Вла“-Ку“ стекнал мнозински пакет од 51 процент, додека вкунот на Ахмети – Дрин добива 39 отсто, иако сите средства ги вложува албанската компанија (10 отсто задржува „Соравиа“),  Пјетeрѓокај подели публикација каде се претставени проектите што ги реализирале во Ксоово, Албанија, Хрватска, Италија…

Влатко Стојановски

Поврзани новости