Документарниот филм за кучето Жиле ќе се емитува на интернационален фестивал

by Фокус

Документарниот филм за парализираното куче од Македонија Жиле, кое замина да живее во Америка ќе биде емитуван на интернационалниот телевизиски фестивал во Бар, Црна Гора. Фимот насловен како „Жиле-приказна за истрајноста“ беше селектиран во официјалната програма на 19-тото издание на фестивалот  и ќе биде прикажан во конкуренција за награди на една од фестивалските вечери од 21-25 октомври оваа година.

На фестивалот, годинава пристигнале 467 филмови од 84 земји во светот во неколкуте категории, играни, документарни, филмови за екологија и туризам, детски и кратки телевизиски форми.

Селектор за документарниот дел кој одлучувал за тоа кој филм од пристигнатите ќе биде прикажан на фестивалот е филмски критичар Драган Петровиќ од Србија.

25 минутниот документарен филм за Жиле е снимен по сценарио и режија на новинарите Саше Димовски и Мери Јордановска. Камерата е на Трајче Антоновски, монтажер е Раша Петровиќ, преводот е на Силвана Стојанова, а техничката продукција е на „Револушн продакшн“ од Скопје.

Филмот ја раскажува приказната за Жиле, кучето чувар на Попова Шапка, кое беше рането со огнено оружје по што остана инвалид и целата негова голгота и обиди да биде спасено. Жиле, кој ги крена на нозе љубителите на животни од Македонија, но и од целиот свет беше згрижен од американско семејство и сега и е верен чувар на малата Морган.

Помина речиси една година откако Жиле го живее американскиот сон, а ова е прво фестивалско презентирање на оваа трогателна приказна.

Според правилата на фестивалот, сите филмови кои се селектирани во официјалната програма ќе бидат прикажани на Радио телевизија Црна Гора. На фестивалот се доделува наградата „Златна маслина“ за повеќе категории на филмови.

Поврзани новости