Поминаа точно три години откако 21-годишниот Мартин Нешкоски беше претепан до смрт на плоштадот Македонија, од страна на припадник на специјалните полициски сили „Тигри“, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата на предвремените парламентарни избори во 2011 година.
Смртта на младото момче, освен вечна тага кај неговите најблиски, отвори голем број прашања кои до ден денеска не се расчистени: зошто МВР два дена негираше дека се случило убиство за време на прославата на владејачката партија и зошто останатите полициски припадници кои му помагале на убиецот не сносеа одговорност?
Полициската бруталност во случајот со Мартин ја крена на нозе македонската јавност, кога илјадници граѓани излегоа на масовни протести. Убиецот Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор, а братот на Мартин, Александар Нешкоски понатаму залудно ја бараше одговорноста и за останатите полициски припадници.
„ИЗМИНАА ТРИ ГОДИНИ ОД УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕШКОСКИ
Три години неправди поради убиство од страна на обезбедувањето на Груевски.
Три години неправди од страна на институциите во Македонија.
Три години молк што ќе не кошта сите….
ПРАВДА ЗА МАРТИН, СЛОБОДА ЗА СИТЕ!!!“
Вака гласи денешниот статус објавен на Фејсбук од братот на Мартин, Александар Нешкоски.
За да не заборавиме што се случи, дента на 6 јуни 2011 година, Фокус го реобјавува документарниот филм за полициската бруталност и за убиството на младото момче.