Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Поранешната директорка на скопската Клиника за Гинекологија, Марија Хаџи-Лега во писмен допис испратен до редакцијата на „Фокус“ побара јавно извинување за текстот „Гинекологија ја тужи поранешната директорка Хаџи-Лега, купувала тестови за 400 евра и ја оштетила клиниката за 150.000 евра“, бидејќи во спротивно ќе тужи.
Во текстот е објавено дека Клиниката за Гинекологија ја тужи екс директорката за злоупотреба на службената положба, односно според нив, таа ја оштетила клиниката за 150.000 евра со набавка на 312 теста за дигитална кариотипизација, со кои се испитуваат аномалии на плодот, од кои само еден тест чини 25.500 денари. Кривичната пријава против неа е поднесена на 16 декември, лани до Основното јавно обвинителство. Ваквите информации ги потврди и новата директорка на Клиниката, доктор Викторија Јовановска.
Во демантот испратен до медиумите Хаџи-Лега тврди дека сите тие информации се невистинити и дека тестовите им се потребни на пациентките. Но, како и по традицијa таа единствено на „Фокус“ се заканува дека ќе го тужи, ако не и се извиниме бидејќи тоа што сме го објавиле се неточни информации и дека не била побарана нејзина изјава.
Во самиот текст може да се прочита дека станува збор за кривична пријава што против екс директорката ја поднесува Клиниката за Гинекологија за злоупотреба на службената положба за 150 илјади евра. Прво, ние објавуваме нешто што се факти, односно кривичната пријава веќе е во Јавно обвинителство. Второ, во текстот пишува кога е поднесена пријавата и што содржи таа и трето, а во однос на тоа дека не била побарана нејзина изјава, тоа не е точно, со оглед на тоа што текстот беше објавен на 10 јануари, а екс директорката беше побарана на телефон уште претходниот ден, на 9 јануари. Откако Хаџи-Лега не одговори на нашите телефонски повици и испративме порака на вибер, на која исто така не одговори.
Меѓутоа, ова не е првпат таа да ги игнорира прашањата на „Фокус“. Уште кога во 2016 година го почнавме серијалот за зголемената смртност на бебињата на клиниката, таа не одговори ниту на едно од испратените прашања. „Фокус“ објави шест текстови на оваа тема и за секој текст имаше по неколку прашања испратени до Хаџи-Лега, која кога ја баравме не одговараше, но затоа пак по излегувањето на текстот експресно испраќаше демант во кој не негираше ништо од текстот, туку постојано нагласуваше дека сме тенденциозни, а дека на клиниката работи професионален и стручен тим.
„Фокус“ нема никаква намера да и се извини на Хаџи-Лега, бидејќи за се што имаме објавено за скопска Гинекологија имаме документи или потврди од вработените таму. Единствено на една прес-конференција се сретнавме лично со тогашната директорка и разговаравме отворено за сите случувања на клиниката, за нарушените меѓучовечки односи, за смртноста на бебињата, но таа цело време тврдеше дека таму тече мед и млеко. А, да не зборуваме дека бројките колку бебиња починале ги чуваше како државна тајна.
Само еден месец пред нејзиното заминување од функцијата, по толку инсистирање, таа конечно преку официјалниот маил на Гинекологија ни ги испрати бројките на починати бебиња во последните неколку години, со што се потврди сето тоа за што пишувавме месеци наназад. Иако многу ретко ќе одговореше на некое од прашањата, затоа пак постојано се закануваше со тужби.
Поранешната директорка може не знае, но мојот инбокс на маил е преполн со испратени писма од тогаш нејзините вработени кои во детали го објаснуваат нејзиното „владеење“ и кои се молеа конечно да ја тргнат од директорската фотеља. Дури имаше и испратени писма до екс министерот за здравство Арбен Таравари, бидејќи со месеци се одлагаше нејзиното разрешување од функцијата.
Исто така, веќе објавивме дека Хаџи-Лега потрошила 20.000 евра за службени патувања, од кои само во еден месец одела на по три службени патувања. И за ова ја баравме и испративме прашања на вибер, но таа нели не ги видела. Сите тие пораки како доказ се чуваат на телефон, со оглед на тоа што знаеме дека на крај вината ќе падне на наш грб. Но, не е само тоа, истата таа директорка на времето си го опреми кабинетот за околу 20.000 евра од италијанска фирма, додека новата зграда на клиниката се распаѓаше, а пациентите се лекуваа во катастрофални услови.
Ние како медиум не судиме дали е виновна или не, затоа има судови, но наша должност е да ја информираме јавноста дека против неа е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Затоа, наместо постојано да се заканува со тужби, подобро ќе биде да им се извини на вработените на Клиниката за Гинекологија и на пациентите за хоророт што го поминаа таму.