Докторка од Словенија за 50 евра издавала лажни потврди за прележан Ковид-19

by fokus

Докторка од Помурје во Словенија издавала потврди за коронавирус за 50 евра. Случајот го истражува и Лекарската комора на Словенија.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, обвинетата докторка изјави дека ги издавала сертификатите врз основа на наодите што докажуваат присуство на антитела во телото, но тоа не е пропишан и валиден начин да се потврди дека некој прележал коронавирус.

Се посочува дека е потребен позитивен ПЦР тест постар од десет дена и не постар од 180 дена.

Една новинарка и се претставила на докторката како личност која била во контакт со заразено лице, но не била тестирана. Таа и рекла дека нема проблем и дека ќе и издаде потврда за 50 евра, под услов да биде тестирана за присуство на антитела.

Националниот институт за јавно здравје одговори на новинарско барање дека станува збор за прекршок во надлежност на државниот инспекторат.

Лекарската комора потврди дека добила пријава против докторката, но дека нема да ги открие деталите до крајот на постапката.

Поврзани новости