Доктор Радомир Петрушијевиќ од ДВМ Ремедиум Вет вели дека по повод пандемијата, голем број на сопственици на миленичиња секојдневно се јавувале со прашања околу тоа дали постои опасност од пренесување на вирусот од страна на милениците врз човекот.
За љубителите на животните, тој појаснува дека нема место за паника, но мора да се почитуваат препорачаните мерки за безбедност и да се практикува зголемена хигиена.
-Во изминатиот период добивме многу прашања од загрижени сопственици на домашни миленици, најчесто на кучиња и мачки, поврзани со новиот корона вирус – Дали нивните миленичиња можат да се заразат и да го пренесат? Загриженоста се зголеми со излегувањето на информацијата во јавноста за првиот случај на мачка во Белгија која е позитивна на Ковид-19, кој што е изолиран случај и дополнително ќе се испитува. Од тука сакам да информирам дека нема простор за паника. Милениците можат да бидат позитивни на тестот само ако нивниот сопственик е позитивен, но не можат да ја пренесат заразата на здраво лице. Корона вирусите се едно големо семејство, и за секоја врста на животно има одреден тип, кој што предизвикува различни клинички слики. Конкретно за кучињата-предизвикува заболување на дигестивниот тракт и нивното лекување е повеќе од успешно, што нема никаква поврзаност со Ковид-19. Мојот апел е да се почитуваат сите препорачани мерки за безбедност и зголемена хигиена. И доколку приметат влошување на здравствената состојба веднаш да се обратат кај својот ветеринар- порача Др.Радомир Петрушијевиќ.
Вики Клинчарова