Родилката од Охрид која синоќа почина на Гинекологија немала корона вирус

by Fokus

Трисет и седумгодишната пациентка од Охрид која синоќа почина на скопската Клиника за гинекологија има негативен тест за корона вирус, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, тестот за новороденчето на 27-годишната пациентка од Куманово, која пак е позитивна на корона вирусот, ќе биде готов утре, во текот на денот.

Претходно, од Гинеколошката клиника објаснија како била донесена охриѓанката кај нив на клиниката и во каква состојба.

„На жената уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфли присуство на коронавирус. За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши при што истата беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но за жал во 22.00 е констатирана смрт. Причина за смртта е сепса со масивна тромбемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукација по што ќе има егзактна дијагноза – се наведува во соопштението од Гинекологија.

Од таму додаваат дека се работи за екстремно обезитна пациентка која  во последните 5 месеци воопшто не се ни движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли.

„Сега починатата родилка е донесена без претходна најава од матичен лекар и оставена пред влезот на Клиниката. По измерената телесна температура, таа е веднаш спроведена на посебен влез до одделението за изолација. За потсетување, еден дел од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје функционира за родилки супсектни и позитивни на Ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим – информираат од Гинекологија.

 И.М.

Поврзани новости