До овој момент во нашиот град комплетно со две дози се имунизирани 21.895 лица. Мора да признаеме дека тоа е голем број на вакцинирани граѓани, и тоа е причина што во овој момент немаме голем притисок врз болничкиот дел – за ,,Фокус” открива д-р Диме Коцев, директор во Општата болница со проширена дејност во Кавадарци, во чиј склоп функционира и модуларната ковид болница.
Тој појаснува дека останува да се види како ќе се одвива состојбата во периодот кој следи, и додава дека интересот за трета доза на вакцината против корона вирус во Кавадарци е голем.
-Од ден во ден се зголемува интересот за третата доза на вакцината и до денес ја имаат примено 2.382 лица. Не е пријавен ниту еден несакан ефект од апликацијата на третата доза досега. Од почетокот на последниот бран, односно од 28-ми јули, регистрирани се 1.458 инфицирани пациенти, а хоспитализирани се 135 пациенти од Кавадарци и Неготино. Имавме 6.951 преглед во Инфективната амбуланта и 4.205 тестирања со брзи Ковид Аг тестови. Моментално во општината има 349 активни случаи, 15 лица се хоспитализирани и имаме 20 празни места. Да напоменеме дека четвртиот кат од болницата го чуваме како резервна варијанта, празен, со капацитет од 20 болнички легла. Ако има потреба, ќе го ставиме во функција, вели д-р Коцев.
Од почетокот на пандемијата во Кавадарци се заразија 6.575 лица, а во Неготино, од каде пациентите исто така се хоспитализираат во кавадаречката болница, се инфицираа 2.476 лица. Бројот на активни случаи во Неготино според вчерашниот извештај од МЗ изнесува 96.
И во двете општини жителите покажаа голем интерес за вакцинацијата. Според податоци од Институтот за јавно здравје, досега во Кавадарци починаа 200 лица инфицирани со вирусот, а пак во Неготино починаа 64 лица.
Вики Клинчарова