Токсикологот Нико Беќаровски вели дека се соочуваме со последната голема битка со невидливиот непријател, а неговиот оптимизам, како што пишува во својата последна објава на Фејсбук се должи на науката. Порачува граѓаните да не дозволат со нивното неодговорно однесување да станат жртва на Ковид-19 на само неколку месеци, како што пишува, кога крајот на вирусот е се појасно дефиниран.
„Следните 6-8 месеци човештвото ќе ја добие оваа последна жестока битка со невидливиот непријател. Затоа бидете стрпливи и внимателни, не дозволувајте да станете жртва сега кога крајот е се појасно дефиниран. Последните 7 дена од Втората светска војна погинаа најмногу луѓе. Да не ја повториме иста грешка. Жртвувајте ги претстојните слави, новогодишни и божикни собирања, за спокојно и безгрижно да го дочекаме следното лето“, пишува во објавата на Беќаровски.