Доктор Андоновски освои прва награда на Седмиот Балкански Конгрес по артроскопија и колена хирургија

by Fokus

Доктор Алан Андоновски од скопската Клиника за ортопедија ја освои првата награда на Седмиот Балкански Конгрес по артроскопија и колена хирургија кој се одржа во Солун во периодот од 29.09.2016 до 01.10.2016 во конкуренција од повеќе од 120 учесници.

corniliaphoto848

– Презентиравме нешто што досега не е објавено нигде во светот па затоа сме посебно горди на тоа. Имено, се работи за петта генерација на реконструкција на преден вкрстен лигамент на колено со зачувување на неговиот резидуален сноп кај која  додадовме фактори кои стимулираат зараснување на ткивата а се добиени од активирани тромбоцити добиени од крвта на самиот пациент. Резултатот беше навистина зачудувачки бидејќи кај двајца пациенти дојде до спојување на графтот и резидуалниот сноп од предниот вкрстен лигамент и се доби енормно голем графт со дебелина од 15.8 мм. Ако се земе во предвид дека во секојдневната хуруршка пракса ние ретко добиваме графтови подебели од 10 мм, станува јасно колку е битно ова наше откритие, особено за оние врвни спортисти чии колена се изложени на големи оптоварувања. За тоа секако најдобро може да ви се изјасни токму еден од овие пациенти инаку професионален спортист – фудбалер – изјави доктор Андоновски.

Тој додава дека што се однесува до конгресот, и покрај тоа што имале конкуренција од колеги од целиот Балкан, сепак успеале да го реализираат она што го ветиле на претходниот Балкански конгрес по артроскопија и колена хирургија од пред две години во Софија кога ја освоиле втората награда.

– Ветеното се релизира со освојување на првата награда на овогодинешниот Балкански конгрес во Солун. Секако тоа не значи дека тука ке застанеме, бидејќи како технологијата така и медицината оди напред а наша цел е секогаш да го освојуваме и практицираме она најновото и најдоброто а со една и единствена цел за подобрување на здравјето на нашите пациенти – истакна Андоновски.

 

 

Поврзани новости