Доколку Вишото обвинителство ја ,,воскресне” истрагата за ,,Мазутот во ТЕЦ Неготино” предметот ќе се врати кај истата обвинителка, Коларевиќ

by valentina 14:08
14:08

За околу 30 дена би можело да се очекува одлука на Вишото јавно обвинителатво за случајот ,,Мазут”, односно ќе се знае дали ќе се потврди одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ дека е крај за предметот тежок 167 милиони евра, или ќе се дадат насоки за повторно истражување.

Сепак овој рок не е конечен и апсолутен, но она што е јасно во овој момент, е доколку одлуката за затворање на истрагата биде укината од вишиот обвинител, случајот повторно ќе се врати во рацете на истата обвинителка Коларевиќ.

Нејзино изземање е возможно само доколку се утврди нестручно или несовесно работење. Сепак извесно е дека доколку предметот се врати, тој ќе се врати кај предметната обвинителка, бидејќи републичкиот јавен обвинител Ненад Савески на денешниот брифинг за новинарите истакна дека републичкото обвинителство нема да се меша во предметот, за да не се сфати како притисок, и ќе се чека одлуката на Вишото обвинителство. Дури потоа, како што рече, ќе постапи по барањето за контрола врз овој предмет кој до него го достави ЕСМ, компанија која е оштетена во случајот.

-Барањето е со цел да се утврдат недоследностите за водење на постапката, соопштија неодамна од ЕСМ.

Републичкиот обвинител Савески повтори дека
јавнообвинителските одлуки не се пресудена работа. Исто така посочи и дека нема да ја коментира изјавата на министерот Панче Тошковски дека бил шокиран од затворањето на истрагата за овој случај.

-Доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне. Тоа е единствениот легалистички начин да дојдеме до правдата и вистината.
Битно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна тогаш тоа е пресудена работа (res judicata), појаснува Савески.

Иако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција неодамна ја затвори истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, сепак и понатаму останува енигма здравствениот аспект од овој потенцијален криминал, односно дали мазут кој се горел бил канцероген? Ова е значајно прашање, бидејќи еден од правците на истрагата беше да се утврди со каков квалитет се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми.

На почетокот на истрагата постоеја сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето, бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут. Шпекулациите одеа дотаму дека нивото на сулфур бил над 1% колку што е дозволено. Токму поради тоа беа земени и мостри од мазутот, кои беа пратени на испитување во Србија.

Обвителот Савески посочи дека се испратни повеќе барања до научни институти за да се најде експерт за да ги прочита резултатите од вештачењето од Србија.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.

В.В.

Слични вести