Црниот пантер кој речиси цел месец е актуелна тема во соседна Србија, и по кого се организираа неколку безуспешни потраги, се движи кон југ, односно кон потопли краеви, и не е исклучена можноста да пристигне и во Македонија.
Вчера за српските медиуми Ненад Тешиќ од ПСЗН (Покрет за све нас) кој е вклучен во потрагата изјави дека предаторот се движи од Војводина кон Централна Србија, и само за неколку дена поминал повеќе од 80 километри.
Дали доколку дивото животно дојде во Македонија, земјата има стратегија да се справи со него, односно безболно да го залови, за „Фокус“ деталите ги појаснува Илија Бојаровски, лице за контакт со медиуми од Центар за управување со кризи. Според него, како и за секоја друга ситуација, ЦУК имал стандардни оперативни процедури, односно имал стратегија и план.
-Доколку се случи пантерот да залута на нашата територија, според некој ред по кој би се одвивале настаните, првин оној кој ќе го забележи треба да се јави на телефонскиот број 112 во ЦУК, или пак во полиција и да го пријави настанот. По добивањето на информацијата, ЦУК ја алармира Локалната самоуправа во областа каде е забележано животното, односно градоначалникот и претседателот на Советот. Општината потоа прави проценки, формира кризен штаб, се вклучува ловната федерација, ловни друштва, лица од зоолошката градина кои имаат искуство со диви животни, односно со пантер или други слични видови на големи мачки, професори за ловство, ветеринари… Ако Локалната самоуправа нема доволно капацитети кои се потребни во случајов, тогаш и Центарот за управување со кризи ќе се вклучи со свои координации и помош- појаснуваат од ЦУК.
Начинот на кој евентуално би се заловил пантерот, а кој е најпожелен, е тој да биде заловен со помош на стрела за успивање, но самата процедура била доста тешко изводлива, бидејќи се работи за брзо и опасно животно. Постои и начин на заловување со помош на мамки, кој бил користен во минатото при заловување на рисови.
-Безбедноста на луѓето е на прво место. Случајот со пантерот не е наивна работа, бидејќи оние кои имаат искуство, знаат дека и еден рис да се улови е доста тешко. Пантерот, но и другите големи диви мачки, гледаат на човекот како на посилно суштество, но ако дојде до ситуација да нападнат невооружен човек, сфаќаат дека токму луѓето се најлесен плен, бидејќи немаат со што да се одбранат. Токму затоа, ако едно вакво диво животно еднаш убие човек, нема да запре на само еден. Тоа му е во природата, да се нахрани на најлесен начин. Центарот за управување со кризи е подготвен за справување со сите стандардни оперативни процедури, во секој момент, појасни Бојаровски, кој инаку е ловец и уредник на ТВ програмата Ловечко око.
Црниот пантер, за кој се претпоставува дека е жртва на нелегална трговија со диви животни, последен пат беше снимен во близина на Фекетиќ пред два дена. Српските власти изјавија дека нивниот план е откако животното ќе се лоцира, да се успие и имобилизира во зоолошката градина во Палиќ.
Вики Клинчарова