Дојдовме да им помогнеме на кучињата, затекнавме семејство со мало дете на кое очајно му треба помош, реагира здружение од Кавадарци

by Fokus

-Имавме повик до нашето здружение за заштита на животните ,,Срце за животните – Тиквеш”, па од Кавадарци заминавме во Неготино, каде ни беше посочена локација, од каде требаше да земеме мали кученца.Но, кога стигнавме на адресата, имаше што да видиме. Останавме без зборови од условите во кои преживува едно четиричлено семејство – за ,,Фокус” раскажува Виолета Николова, активистка во здружението.

Таа појаснува дека соседи на семејството се жалеле поради малите кученца во нивниот двор, но состојбата во која се наоѓа семејството Спасови била повеќе од алармантна.

-Ги зедовме кученцата, тој проблем е решен, но не можеме едноставно да ја игнорираме состојбата во која живее ова семејство. Се работи за дете од пет години, неговите мајка и татко (таткото има одредена попреченост), исто и бабата Ленче, и таа е лице со попреченост. Од она што ни го појаснија, тие живеат со државна помош од околу 8.000 денари, во услови под секое ниво. Домот им се распаѓа, имаат некаков проблем со електричната енергија околу фазите, немаат апарати од бела техника, им треба покуќнина, потребно е реновирање и дезинфекција на целиот простор. Дворот, но и внатрешноста на нивниот дом е преполн со крлежи, пет годишно дете спие и живее таму! Мора да се реагира!- појаснува Николова.

Таа заедно со уште две активистки од здружението решила да стори се што е во нивна моќ за да му помогне на семејството. Вели дека се потребни финансиски средства, мебел, бела техника… Прашува како се дозволило во 21-от век едно семејство во ваква состојба да биде препуштено на себе, посебно бидејќи луѓето имаат и дете кое живее во крајно нехумани услови.

Старицата Ленче речиси нема кој не ја забележал во Неготино. Таа секојдневно минува низ градот, во парталава облека, носејќи на грбот суви гранки кои ги собира во околината. Натоварена со гранките кои ги складира во домот за да има со што да се грее во зима, неготинчани можат да ја видат и лето и во зима. Некои го тргаат погледот од неа, некои едноставно ја игнорираат. Околу тоа дали некогаш надлежните служби го посетиле нејзиниот дом и ги виделе условите во кои ова семејство преживува, и како тоа се дозволило, нема одговор.

Според фотографиите кои ни ги приложија од здружението, јасно е дека подолг период никој од надлежните служби за социјална работа не затропал на вратата на Спасови.

-Човечноста ни налага да помогнеме. Поради одредените проблеми на синот, не е препорачливо да му се донираат пари на рака, очигледно е дека на семејството му е потребна конкретна помош во средување, расчистување на домот и дворот, набавка на покуќнина, со цел да имаат основни услови за живот. Затоа, апелираме сите општествено одговорни фирми и поединци кои се во можност, да донираат на сметката на здружението. Ние, активистите, ќе се заложиме домот на Спасови да се среди. Тоа дете заслужува нормален живот, луѓето не можат вака да бидат оставени на себе, местото е потенцијален извор на зарази, преполно е со крлежи, треба чистење и дезинфекција – појаснува Николова.

Сите кои се во можност можат да донираат на следната сметка Здружение за заштита на животните ,,Срце за животните Тиквеш” – Кавадарци Денарска сметка Уни банка 240260106835040 Со назнака – Донација за семејство Спасови. Исто така, може да се донира и од странство на Срце за животните –Тиквеш IBAN MK07240260106835040 (UNIBANK) SWIFT UIBMMK22XX

Вики Клинчарова

Поврзани новости