Додека управителот е под истрага, „Бауер“ доби уште еден вреден тендер од Град Скопје!

Нецела година откако обвинителството го осомничи управителот на „Бауер БГ“ за изведбата на фасадата на владината зграда, компанијата ја доби зделката за изградба на булевар „АСНОМ“, со понудена цена од само 21.212 денари помалку во споредба со вторангираниот конкурент.

by Фокус

Откако обвинителството покрена истрага, во чии рамки се испитуваат и сомнежите за управителот на градежната „Бауер БГ“ во врска со изведбата на фасадата на владината зграда, оваа компанија склучила вреден договор за јавна набавка кој е во фаза на реализација.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата кон крајот на ланската година го добила тендерот од Град Скопје за реконструкција на булеварот „АСНОМ“, од крстосницата со булевар „Србија“ до пристапна улица за влез во ФФМ.

Иако неговата проценета вредност била 30 милиони денари или 487 илјади евра, на крајот била постигната цена од 21,8 милиони денари или 354 илјади евра. Ваквото намалување за околу една третина е резултат на големата конкуренција, во која „Бауер“ успеал да излезе како победник во друштво на уште 12 други фирми.

Според извештајот од спроведената тендерска постапка, „Бауер БГ“ ја добил зделката со понудени 18.518.191 денари без вклучен ДДВ, што е за само 21.212 денари помалку од понудените 18.539.403 на второрангираната „Топ Билд“, која пак неодамна го доби вредниот тендер за битумен од ЈП за магистрални и регионални патишта.

Тендер за битумен тежок 9 милиони евра: Повеќе заинтересирани, еден понудувач

Непосредно пред да биде покрената истрагата во април, односно лани во март „Бауер БГ“ добил уште два тендери, од кои едниот од Општина Центар за реконструкција на коловоз, тротоари и инфраструктурна мрежа на улици Алберт Ајнштајн, Андон Дуков и Донбас.

Инаку, вредноста на овој договор изнесува 7,3 милиони денари или 118 илјади евра, додека компанијата го добила проектот во конкуренција на уште двајца понудувачи. Сепак, овој договор со времетраење од 18 месеци бил раскинат само 3 месеци подоцна.

Истовремено, „Бауер“ склучи вреден договор и со Агенцијата за храна и ветеринарство за изградба на нова зграда, чија вредност изнесува 515 милиони денари или 8,3 милиони евра. И во оваа постапка учествувале повеќе компании, а „Бауер“ доставил најниска понуда.

ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА ОБВИНЕНИЕ

Пред нецела година, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за реконструкцијата на фасадата на објектот на Владата, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Притоа, со истрагата беа опфатени четири лица, меѓу кои поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, но и управителот на фирмата „Бауер БГ“, која беше ангажирана за изведбата на фасадата во вредност од 17,7 милиони евра. Според обвинителството, тој ја изиграл постапката за јавна набавка.

„Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000 денари (или речиси 7,9 милиони евра)“, наведоа тогаш од Обвинителството.

Исто така, според Обвинителството, ангажираниот подизведувач при изградбата не го ставил материјалот кој бил предвиден со основниот проект, туку употребил несоодветни декоративни елементи.

Подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“, соопштија од таму.

Неодамна, од ЈО ни посочија дека се чека вештачењето, по што ќе се знае епилогот од покренатата истрага, односно дали ќе биде донесена одлука да се поднесе обвинение до надлежниот суд.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги очекува постапувањата по наредбите за вештачење. По добивањето и анализа на истите ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана“, ни одговорија од таму.

РЕЗЕРВНА КОМПАНИЈА

Како што е познато, „Бауер БГ“ доби многу големи тендери за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, пред се од Град Скопје додека градоначалник беше Коце Трајановски. Притоа, карактеристично беше тоа што компанијата ги добиваше тендерите како најповолен понудувач, но најчесто конечната цена на крајот растеше, како резултат на дополнителните анекс-договори.

Но, и по смена на власта, компанијата продолжи да добива тендери. Па, компанијата соработуваше со Градот Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир. Така беше сѐ до моментот кога фирмата по вторпат доби едногодишна забрана за учество на тендерски постапки поради издадена негативна референца.

За потсетување, компанијата прво доби негативна референца од Државното претпријатие за државни патишта, бидејќи не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост во Охрид. Сепак, успеала во судска управна постапка да ја поништи референцата.

Набргу потоа, таа заработи уште една негативна референца од Министерството за образование, поради непочитување на договорот за изградба на училиште. Оваа референца и забрани на компанијата пристап до јавни набавки во рок од една година.

Меѓутоа, нејзините сопственици Благој Димитров и Горан Димитров почнаа да учествуваат на тендери преку друга компанија – „Енергоинвест Трејд“, основана во далечната 1996 година како компанија за трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки, за во 2014 година да ја смени приротетната дејност во изградба на станбени и нестанбени згради.

Како што пишуваше неделникот „Фокус“, Димитрови преку оваа компанија добиле неколку тендери, од кои се издвојуваше оној од Агенцијата за млади и спорт за изградба на затворени училишни базени вредни над 3 милиони евра. Двајца членови на Комисијата за јавни набавки нотирале дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена, но сепак мнозинството одлучило поинаку.

Веднаш по истекот на забраната за учество на тендерски постапки, објавивме сторија како „Бауер БГ“ склучи договор од 146 илјади евра со истата институција за изградбата на кошаркарски игралишта, и тоа по вторпат, откако првиот пат постапката била поништена поради наводна аритметичка грешка.

Влатко Стојановски

Поврзани новости