Додека регионот будно ја следи потрагата по малата Данка од Србија, исчезнатата Елиф од Македонија падна во заборав!

by Fokus

Десетици вести по повод исчезнувањето на две-годишната Данка Илиќ од соседна Србија се објавуваат дневно, не само во регионалните, туку и во речиси сите медиуми во земјава, откако на девојчето му се изгуби траг на 26-ти март, во населбата Бањско Поле во Бор.

Целата регионална јавност будно го следи случајот, во надеж дека девојчето ќе биде пронајдено, и алармирани се сите институции, не само во Србија, туку и во околните земји. И додека ликот на малата Данка го преплави регионот, ликот на малата Елиф Идиќ од Куманово, која исчезна кон крајот на август 2022 година, веќе паѓа во заборав кај пошироката јавност.

Девојчето исчезна во време кога имаше само седум години, неколку дена пред да тргне на училиште. Исчезната е и неговата мајка, Сабина Сабединовска, која во тој период имаше 32 години. Таткото и мајката на Елиф биле разведени, девојчето живеело со мајката, додека таткото живеел во Германија, а алармот за исчезнувањето го вклучи чичкото на Елиф, Шабан Идиќ од Куманово.

Тој за ,,Фокус” во повеќе наврати раскажуваше за случајот и бараше помош од јавноста, но и поголема ажурност од институциите. Како што појаснуваше, по смртта на бабата по мајка на Елиф, во чија куќа живеело девојчето со мајката, се вселил извесен Дехран Камберовски (42). Наводно, тој дошол од Србија да чува овци во Куманово, и започнал врска со Сабина. Чичкото тврдеше дека Дехран, кој на социјалните мрежи имал повеќе профили и под други имиња, бил насилен со Сабина, и стравуваше дека таа и нејзината ќерка не се повеќе живи.

Кажа дека последниот контакт со девојчето го имал на 24-ти август, а потоа и тоа, и мајката исчезнале. Во полиција пријавил на деветти септември, загрижен за нивната судбина.

-Ниту од Дехран, ниту од нив нема траг! Елиф немаше пасош, не се излезени од земјата, одговори од институциите не добивме. Дали се спроведе темелна истрага, дали се откри нешто, никој не кажува. Очекував фотографијата од Елиф да се објави во сите медиуми, да оди на сите телевизии, дете исчезна во сомнителни околности, мајката ја нема, стравуваме дека не се живи!- потресено раскажуваше чичкото за ,,Фокус”.

На страницата за исчезнати лица на МВР се објавени податоците на Елиф и Сабина.

-Идиќ Елиф од татко Едиф мајка Сабина родена 24.07.2015 год. во Куманово каде и живее. Исчезната на 25.08.2022 год. од домот на нејзината мајка во Куманово. Висина 100 см, тежина 23 кг. Со кратка кафена коса и кафени очи.

-Сабединовска Сабина од татко Дестан мајка Балкза родена 24.06.1990 година во Куманово, каде и живее. Исчезната на 25.08.2022 год. од својот дом во Куманово. Висина 165 см, тежина 55 кг. Со долга црна коса и кафени очи, наведено е во објавата.

Иако од МВР набргу по исчезнувањето на мајката и ќерката го потврдија настанот и соопштија дека во потрагата се вклучени МВР и Обвинителството, а за Дехран имало распишано потерница, неговите податоци и фотографија не можат да се најдат на официјалната страница за потраги.
Од МВР тогаш истакнаа дека се спроведени разговори со членови на семејството и сведоци, извршени биле проверки на терен, и биле известени сите гранични пунктови.

-Констатирано е дека државјаните С.С. и Е.И. не ја напуштиле државата во службена форма и во моментов се третираат како исчезнати, соопштија од МВР уште во ноември 2022 година.

До денес, официјално, нема никакви новости поврзани со случајот, и не се знае што се случи со девојчето и неговата мајка.

Во последниот разговор за ,,Фокус”, чичкото на Елиф пак, разочарано кажа дека изгубил надеж, и не верува дека некогаш ќе се дознае што се случило со Елиф и Сабина.

-Да не бевме Ромско семејство, сигурно дека немаше вака да помине овој настан, без многу бука, без голем јавен интерес. Дете и мајка исчезнаа, се сомневаме дека се убиени, а насекаде наидуваме на молк. Не гледам поента повеќе да зборувам јавно, кажав тоа што имав, и ете нема разврска на настанот, не се најде нашата внука, не се најде мајка и, го нема ниту Дехран за кого појаснував пред надлежни служби дека е насилен. Разочарани сме од целиот систем – порача тој минатата година.

Дали се мртви или живи, дали е во прашање тешко кривично дело, како што се сомневаат роднините, нема одговори речиси две години. И додека семејството живее во агонија, и нема никаква вест за девојчето и мајката, нивните ликови со тек на време веќе избледуваат во сеќавањето на пошироката јавност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости