Додека општина Кисела Вода да им изгради паркинг, пајак им ги собира автомобилите

by fokus

Два дена по Нова година, вчера две пајак возила во придружба со полиција ги собраа автомобилите паркирани на влезната улица во населба Пинтија во општина Кисела Вода. Жителите во изјава за „Фокус“ револтирано велат дека тие немаат каде да ги паркираат своите возила бидејќи дел немаат пристап до дворите поради тесната уличка. Како што велат граѓаните, имало и автомобили на нивни гости, кои бидејќи во населбата нема паркинг, автомобилите ги оставиле веднаш пред нивните куќи.

-Ми ја собраа колата од местото каде што ја паркирам, а не можам да ја внесам во двор, бидејќи улицата на која живеам е претесна. Сите оние што имаат поголема кола, нема шанси да ја внесат во уличката, па се принудени да ја оставаат на влезната улица од населбата. Каде да ги оставаме колите, кога ниту можеме да ги внесеме во двор, ниту има паркинг?, револтирано прашува граѓанин чии автомобил бил однесен од пајакот.

Улица 1440 каде поголем автомобил не може да влезе

Проблемот со немањето паркинг во оваа населба во општина Кисела Вода беше дел и од изборната програма на сегашниот градоначалник, Филип Темелковски. Кога денеска го контактиравме за овој проблем, тој прво не се сети дека имало ветување за изградба на паркинг во населба Пинтија, а потоа рече дека се работи на наоѓање на простор, но дека за оваа година приоритетите се други.

-Во Пинтија имаме проблем со жителите кои со своите дворови се навлезени во државно земјиште. Приоритет ни е средувањето на улиците кои се во многу лоша состојба. Се бара и простор за паркинг, меѓутоа за оваа година приоритет ни се улиците, вели Темелковски.

Граѓаните велат дека кога на пајак службата и на полицијата им објаснувале дека немаат каде да ги паркираат своите автомобили, па мораат на тротоарите на улицата, тие им одговарале дека тоа не е нивна работа.

К.С.

 

 

Поврзани новости