Кумството со Сашо се раскина: Ром од Европа наместо Мијалков ќе биде кум на Ромскиот бал!

by fokus

Сашо Мијалков повеќе нема да биде кум на традиционалниот Ромски бал, кој годинава ќе се одржи на 14 јануари во хотелот Александар Палас во Скопје. По долги години, кумството го раскинал Амди Бајрам, кој ни потврди дека годинава ќе имаат нов кум, како што вели, Ром од Европа, наместо Мијалков.

-Новиот кум, кој е угледен Ром од Европа ќе биде кум на балот годинава, и тој ќе и ја стави круната на победничката на изборот за најубава Ромка. Мијалков не е повеќе кум ,таква беше ситуацијата, така одлучив јас  – раскажува Бајрам.

Ова ќе биде 39 по ред Ромски бал, настан на кој ќе присуствувале над 700 гости од Европа. Нив ќе ги забавувале познати музички групи и пејачи, помеѓу кои Азис Бенд од Бугарија, Верица Шерифовиќ, Јулија Бикова, Ерџан, Ѕвонко Демировиќ и многу други.

-Ќе имаме многу гости, богата трпеза, избор за најубава Ромка. Досега се пријавија 25 учеснички, а најубавата ќе добие круна. За првите три убавици подготвуваме и пригодни награди. Оваа година балот ќе се случува на 14 јануари бидејќи е викенд, многубројните гости ни доаѓаат од повеќе земји, моравме да мислиме на сите, да имаат авионски летови, но и да си поминат опуштено за викенд. Самиот факт што настанот се одржува во хотелот Палас зборува за тоа колку е оваа манифестација гламурозна и на ниво. Директен пренос ќе оди на ТВ 24 Вакти – изјави Амди.

Ромскиот бал се одржува под покровителство на Сојузот на Ромите во Македонија. Бајрам вели дека наредната година, кога ќе имаат јубилеј од 40 години, ќе направат уште поспектакуларна манифестација.

-Ова е голем настан за нас. Веќе има и други Ромски балови, во Шутка и во Куманово, времето си одминува, доаѓаат млади генерации и ние постарите треба да им отстапиме простор – во телефонски разговор ни изјави Бајрам.

Лани на балот биле присутни околу 1.250 гости. Најубавата Ромка беше крунисана од страна на кумот, Мијалков, а освен него, од страна на политичарите, помеѓу расположените гости беа и Никола Груевски и Спиро Ристовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости