Откако материјалот го добило надлежното Основно јавно обвинителство, од Министерството за внатрешни работи се бара да изврши дигитална форензика на фотографиите и видео-снимката, на кои се гледа рачна изработка на пасоши.
Ова денеска го изјавија од Јавното обвинителство за дел од медиумите, откако неколку дена претходно Фокус од таму не успеа да добие став.
Со ова практично започнува проверката на материјалот за да се утврди неговата веродостојност, а потоа и да се открие што се правело во конкретната соба, што значат деловите од пасошите и чиј е печатот?
По повод на оваа афера денеска за прв пат се огласи и премиерот Никола Груевски, според кој ова всушност претставува обид на опозицијата да тера темна кампања преку манипулации, шпекулации и монтажи.
– Тоа е груб обид да се наметне на некого вина дека изборите ги изгубиле зашто некој фалсификувал 200.000 гласови, рече Груевски.
Од СДСМ, пак, возвратија дека премиерот со ова ја затворил аферата за можен криминал со пасоши, наместо да го ослободи од притисоци Јавното обвинителство, кое треба да го испита случајот.
„Груевски потврди дека никој подобро од него и од неговата најблиска соработничка Гордана Јанкулоска не се разбира од машинерија. Тие се експертите, за машина, машинче или што и да е“, стои во соопштението на социјалдемократите.