Управата за водење на матични книги комплетираше нова тендерска постапка за спроведување на процесот на дигитализација на матични книги, во чии рамки, според податоците од Бирото за јавни набавки, склучила договор со компанијата „Кинг ИЦТ“ во вредност од 59 милиони денари или околу 960 илјади евра.
Поточно, станува збор за рамковна спогодба, која треба да се реализира до исцрпување на предвидените средства во следните 9 месеци, кога ќе се склучуваат единечни месечни договори со избраниот економски оператор, без повторно прибирање на понуди.
Како што е наведенo во техничките спецификации на набавката, проценката е дека треба да се скенираат и внесат околу еден милион записи од книгите на родени, умрени и венчани, што ангажираната компанија треба да го прави користејќи систем и два скенери на Управата.
Во склоп на процесот, избраната компанија, освен системска подршка, треба да понуди и решение на сите други можни проблеми, како што се скенови со лош квалитет, податоци кои се тешко читливи итн. Притоа, изведувачот е должен во најкраток рок да реши евентуален проблем кој би се појавил и мора да има достапни лица за поддршка 24/7.
За извршување на услугата, економскиот оператор е задолжен постојано да ги има на располагање лицата сертифицирани за оддржување на системот. Доколку дојде до проблем веднаш треба да биде отстранет, за да нема застој во процесот на внесување и скенирање на записи од матичните книги.
Скенирањето ќе се врши во просториите на Управата во две смени. Доколку дојде до дефект на скенерите или поради остварување на рокот за извршување на услугата, економскиот оператор е должен да обезбеди скенери за непречено да се изврши набавката.
КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ
Во рамки на оваа тендерска постапка, во која Управата за матични книги склучила договор со „Кинг ИЦТ“, учествувувала уште една компанија. Тоа е „Новатек ИНВ“, чиј сопственик и управител заработи кривична пријава заедно со одговорни лица во Управата за претходниот договор за дигитализација на матични книги.
Имено, на самиот крај на минатата 2022 година, Управата за финансиска полиција информираше дека до Обвинителството за организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против 3 физички лица и 1 правно лице за злоупотреба на службена положба и овластување.
По сторијата на „Фокус“: Кривични за тендерот за дигитализација на матични книги!
Кривичните беа во врска со случајот што пред две години го обелодени „Фокус“, а се работи за договорите што Управата за матични книги ги склучи со тогаш новоформираната „Новатек ИНВ“ за дигитализација на матичните книги, во вкупна вредност од половина милион евра.
„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за матични книги и второпријавеното лице – вработено во УМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – „Новатек Инв“, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема“, известија од Финансиска полиција.
Компанија стара 3 месеци доби тендер од половина милион евра за дигитализација на матичните книги
Оттаму тогаш потенцираа дека со така дефинираните дискриминаторски и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со „Новатек Инв“, реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата во вкупен износ од 2,8 милиони денари.
„Прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на „Новатек Инв“, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари“, соопштија од Финансиската полиција.
АРХИВА Како Управата за матични книги потроши над 1,5 милиони евра за хардвер, софтвер и дигитализација?
Како што своевремено пишувавме, Управата тогаш предводенa од Бујар Даришта од ДУИ склучила 3 договори со „Новатек Инв“ на Лирим Фетаи во вкупна вредност од половина милион евра, само 3 месеци по формирањето на фирмата. Два договори се однесуваа за набавка на компјутерска опрема во вредност од 7 милиони денари, додека третиот беше за дититализација на матичните книги во вредност 29,5 милиони денари.
Откако ја објавивме сторијата, постапка покрена и Антикорупциската комисија, а Обвинителството соопшти дека го следи случајот. Моментално, како што не информираа од Обвинителството, случајот е во фаза на предистрага и затоа не можат да изнесуваат детали.
НОВ ПАРТНЕР
Што се однесува до „Кинг ИЦТ“, станува збор за друштво за информатичка технологија и компјутери основано во 2008 година. Оваа компанија е во сопственост на истоимената хрватска фирма, која, освен што е присутна во земјава, има фирми-ќерки и во Босна, Косово, Србија, како и Белгија.
Под капа на „Кинг ИЦТ“, работат и „Активис“, компанија специјализирана за управување со документи, „Смарт Енерџи“, компанија специјализирана за спроведување на мерки за енергетска ефикасност, „Планета IX“, компанија специјализирана за употреба на вештачка интелигенција и нејзина примена во обработка на податоци во роботика, дронови и беспилотни летала.
Според хрватскиот регистар, матичната „Кинг ИЦТ“ е формирана во 1998 година со седиште во Загреб и моментално има основачки капитал од 5 милиони евра. Во нејзината сопственичка структура фигурира хрватскиот бизнисмен Стипо Матиќ. Вториот содружник на „Кинг ИЦТ“, пак, е компанијата „Б.О-1“, чиј основач е Матиќ заедно со десетина други лица.
Во изминативе години, македонската подружница на загребската „Кинг ИТЦ“ добила повеќе тендери во земјава, но убедливо најголем е договорот со Управата за матични книги за дигитализација, кој предвидува скенирање и внес на милион записи. Со оглед дека овој договор изнесува 50 милиони денари без вклучен ДДВ, произлегува дека Управата постигнала зделка од 50 денари за еден запис.
Колку за споредба, претходниот договор со „Новатек Инв“ предвидуваше скенирање на 300.000 и внес на 550.000 записи за 6 месеци, при што скенирање чинеше 2,9, а внесување 40 денари по запис, или вкупно нецели 43 денари без ДДВ. Арно ама, истовремено беше договорен и паушал од 1,8 милиони денари за поддршка во процесот на внесување.
Тоа драстично ја крена вредноста на зделката, што на крај резултираше со кривични пријави и засега предистражна постапка, бидејќи за истата услуга била ангажирана и друга компанија, кон која исто така се фактурирале парични средства од страна на Управата, на чие чело во меѓувреме седнаа кадри на Алтернатива и Алијанса.
Влатко СТОЈАНОВСКИ