Интервјуто е објавено во неделникот „Фокус“ на 27 декември 2013 година.
Разговараше
Владо АПОСТОЛОВ
ФОКУС Автор сте на неколку книги…
ТАСЕВСКИ Поточно шест, имам напишано преку 1.600 страници, колку една Библија (се смее).
ФОКУС Се живее ли од пишување книги?
ТАСЕВСКИ Штета е што во Македонија луѓе-креативци, автори не можат да живеат од идеја. Она што го кажуваат дека наводно се прави нешто во културата и во уметноста, тоа е само мртво слово на хартија. Хартијата сѐ трпи, а реалноста е сосема поинаква. Јас сум најчитан автор годинава во сите македонски библиотеки, во конкуренција и со странските автори. Сум ги победил и Ден Браун и Коелјо, значи повеќе ги барале моите книги отколку нивните.
ФОКУС На што мислите кога велите мртво слово на хартија?
ТАСЕВСКИ Тоа дека се зборува дека се вложува во уметноста и во културата…
ФОКУС Па, големи пари се потрошија…
ТАСЕВСКИ Меѓутоа, знаеме како стојат работите во Македонија. Јас, иако сум најчитан автор во 2013 година, никој жив ми се нема јавено да ми понуди превод на некоја книга или да ми издаде книга. Новата ја издадов сам, ниедна издавачка куќа не стои зад мене. Смешно е да те игнорираат во годината кога добиваш таква престижна награда од НУБ „Климент Охридски“. Во која било земја би ти дотрчале барем десет луѓе за да ти кажат: Еј, човеку, имаш ли нешто ново напишано, дај ние да вложиме…? Тоа во Македонија нема да го доживееш. Вложувањата тука се побудени само од некои партиско-идеолошки емоции, така да кажам, или намери. Сето останато, вистинските луѓе, вистинската жива уметност, не се поддржува. Ниту автори, ниту, пак, идеја.
НЕ ЗНАМ ЗОШТО СУМ НЕПОЖЕЛЕН ВО ТЕАТАРОТ
ФОКУС Добро, зошто почна да пишуваш, актерството не беше доволно?
ТАСЕВСКИ Во еден период од мојот живот, поради икс причини, бев непожелен да настапувам в театар, како што сум и ден-денес. Последната моја претстава беше пред две години. Истото ми се случува во изминативе 10 години зашто поради отвореноста со која ги кажувам работите стекнав многу непријатели.
Веројатно ми фалеше тој начин да се изразам. Од тие причини почнав да пишувам. Кога веќе почнав да пишувам и кога излезе „Шмизла“, па потоа кога излезе и „Пеперутка“, кој потоа стана култен роман, сфатив дека пишувањето треба да ми стане паралелна професија. За жал, нели не можам да живеам од тоа, кога би можел, отворено кажувам дека би го баталил театарот. Веројатно би дал оставка, меѓутоа такви се околностите.
А пишувам затоа што имам потреба да го кажам тоа што лежи во мене зашто сметам дека секој уметник мора да ги коментира случувањата во својата околина. Ако постојат реални индикатори дека треба да се биде загрижен, уметникот треба таа загриженост да ја искаже, да ја манифестира, да ја изрази преку своите книги, преку својата уметност и преку стендап-настапите во мојов случај…
ФОКУС Рековте дека сте непожелен во театарот. Што точно се случува?
ТАСЕВСКИ Па, никој точно не ви кажува што точно се случува, меѓутоа од некои икс причини не ми доделуваат улоги. Не играм. Последната улога во театарот ми е во „Грев или шприцер“ од пред две и повеќе години. Во нова улога не сум поделен. Се помирив со тоа. Да, губам и јас, меѓутоа многу загуби и македонскиот театар. Загуби многу и Драмски театар. Многу е погрешна политиката кога еден театар решава да излезе на терен понекогаш со резервни играчи, понекогаш и со натуршчици.
ФОКУС Кој е Вашиот статус во Драмски театар?
ТАСЕВСКИ Јас сум таму вработен…
ФОКУС Како може Драмски театар да си дозволи да плаќа еден актер две години, а воопшто да не го користи?
ТАСЕВСКИ Тоа е многу добро прашање. Еден новинар ми се јави, демек да искоментира: Знаеме што ти се случува тебе во театарот, што ти прават, меѓутоа и ние новинарите… Му велам, кога знаете, зошто не ги поставите тие прашања на вистинските места. Тие сега многу сакаат да го креваат Ристо Шишков, како на времето бил непожелен, му биле одземени некои права да се изрази како уметник… Ништо ни за јота не се сменило во оваа држава, поточно во театарот! И ден-денес има нови Ристошишковци, меѓутоа за нив денес не се зборува како што за Ристо Шишков никој не сакал да зборува тогаш кога тој бил жив. Нема никаква разлика.
И ЗА ДА ДОЈДЕШ НА ВЛАСТ ТРЕБА ДА СИ КОРУМПИРАН
ФОКУС Во една колумна напишавте дека губејќи време во борба за некоја фикс-идеја за непостоечката самостојна Македонија од 1913, веќе и не забележуваме дека ја губиме оваа денешнава. Како ја губиме Македонија, што ќе ни се случи?
ТАСЕВСКИ Мислам дека првиот дел од тоа што сум го напишал е јасен. Тоа го напишав кога беше оној манифест на таа групата, таканаречени големи интелектуалци кои ја палеа копијата од Букурешкиот договор. Тогаш напишав дека повеќе имаат право да излезат турските интелектуалци да демонстрираат за Букурешкиот договор зашто тогаш фактички ја делеле Турција, не ја делеле Македонија. Македонија не постоела како државен субјект во тоа време. Оваа Македонија денес со Рамковниот договор фактички потпиша една неформална капитулација. Се виде што значи тој договор за територијалната поделба, практично тогаш се изврши една неформална федерализација.
Како што одат работите, постепено се делиме по сите основи. Оној момент кога Македонија ќе банкротира, кога меѓународните банки ќе ја секнат славината, моја претпоставка е дека ќе се случи ова. Бидејќи проблемот за името нема да биде решен и тогаш Албанците ќе побараат од меѓународниот фактор: Видете, поради тој проблем на Македонците за името, ние што сме супер и фини не можеме да влеземе во Европа, дајте како што е ова вака поделено само и официјално да се доподели.
ФОКУС Кое би било решението?
ТАСЕВСКИ Едноставно за да се реши тоа еден ден, а територијално Македонија да остане ваква каква што е, секому дури и на ретардиран му е јасно дека тоа само со војна може да се направи. На друг начин е невозможно бидејќи концептот на Голема Албанија веќе се остварува.
ФОКУС Често ја критикувате митоманијата поддржана од власта. Зошто власта има потреба да се навраќа кон минатото и зошто народот слепо ја следи на тој пат?
ТАСЕВСКИ Затоа што власта е свесна дека не може ништо конкретно коренито да измени, зашто е свесна дека народот еден ден ќе се соочи со нејзините неуспеси, зашто кај нас сѐ уште не почнале да владеат, а веќе се корумпирани. Да бидам попрецизен. Во Македонија за да дојдеш на власт прво треба да бидеш корумпиран. Сите ние треба да бидеме свесни за тој шаблон на СДСМ и на ВМРО, кој се репетира на четири или на осум години, едноставно некој од горе, газдата на Македонија, кажал дека ќе имаме биполарен политички систем и во македонскиот и во албанскиот дел, по две партии кои ќе се менуваат во наредните 50 или 100 години, и тоа безболно ако е тоа можно.
ФОКУС Мислите дека постои газда на Македонија?
ТАСЕВСКИ Кога вие секои три месеци земате заем од ММФ, од Светска банка или од Дојче банка, што очекувате? Нормално некој ќе се запраша Who is your daddy? Е па, кој ти е татко? Тој што ти дава пари за џепарлак за да излезеш во град. Сите знаеме дека долгот е ропство, оној момент кога ќе почнеш да се задолжуваш, ти практично им го нудиш својот суверенитет на тацна на некои банкари, или поточно на тие што стојат зад нив. За сметка на тоа, тие те контролираат.
На пример, утре ако сакаат да го смениме името, првиот момент кога овде некој ќе се спротивстави, доволно е само славината да ја затворат. Постои еден податок дека по секое одбивање да се земе кредит од ММФ, некој од надвор ја втурнува таа земја во граѓанска војна. Тоа во многу земји и се случува. Тоа се случуваше и со СФРЈ. Тоа истото се случи и во Македонија. Веројатно Љубчо Георгиевски ќе потврди ако некој го праша, меѓутоа јас имам податок дека кога тој го одби ММФ, по неколку месеци почна војната во Македонија.
ШИРАТ НЕБУЛОЗИ ДЕКА ДОБРИОТ УМЕТНИК ТРЕБА ДА Е МИЛЕНИК НА ВЛАСТА
ФОКУС Да се вратиме на митоманијата…
ТАСЕВСКИ Која било власт или премиер се свесни дека не можат да направат радикален пресврт и работата е да се најде противтежа на неуспехот, кој ќе следи кога-тогаш. Не можеш секои три месеци да се задолжуваш, како што прави Ставрески во меѓународните банки и да очекуваш дека Македонија ќе оди напред. Е овие што се сега на власт направија противтежа во онаа идеја за антиквизација, која, всушност, е еден вид повампирена фашистичка естетика со некои соц-реалистички елементи. Дури тоа не можеш ни кич да го наречеш, тоа е едно големо ништо!
Не се потсмевам јас на митоманијата, на спомениците, на тезите дека сме Македоноиди или на богот Македон. Трагедијата е што направивме нашите соседи, Европа и светот да ни се потсмеваат.
ФОКУС Многу мал дел од оној културен естаблишмент реагираше за проектот „Скопје 2014“. Им недостасува на уметниците дистанца од ова што се случува или нешто друго е во прашање?
ТАСЕВСКИ Мислите, зошто одбиваат да го коментираат „Скопје 2014“? Па, многу е просто. Добиваат разни признанија од оваа држава, добиваат признанија на национални уметници, добиваат пари да снимаат филмови, добиваат бенефиции, добиваат црвен тепих по кој можат да газат. Уметниците во Македонија грото се многу корумпирани, а другите се исплашени или незаинтересирани.
Фактички многу малку уметници ја исполнуваат функцијата на она што значи да се биде уметник. А уметникот, според мене, мора да биде општествено ангажиран, мора да се биде интелектуалец во смисла да се биде совест и свест на едно општество. Да се коментираат проблемите на едно општество, тоа, меѓу другото, е задачата на уметникот. А овде, кај нас, одредени директори на театри шират тези од типот – „добриот уметник секогаш е миленик на власта“. Тоа се тешки небулози кои човек може да ги прокоментира само со гадење. Од тие „уметници“ не очекувајте дека ќе ги коментираат рак-раните што ги прават тие што им ги даваат бенефициите.
НОВИОТ ТЕАТАР СЕ ОТВОРИ СО СОЦ-РЕАЛИСТИЧКИ СЛЕТ
ФОКУС Денес е 24 декември. Неколку недели пред фамозниот 24 декември, Вашите колеги се вклучија во таканаречената битка за буџетот. Подоцна многу срдечно му се заблагодарија на Груевски за новиот Стар театар. Зошто не Ве видовме Вас ниту на протестите ниту на промоцијата?
ТАСЕВСКИ Прво, затоа што сум јас доследен на мојот повик, на мојата функција на уметник во ова општество. Не сакам да се мешам со разни лингури, хипокрити и останата багра. Тие протести беа многу смешни затоа што сето она што сме го учеле, барем мене што ме учеле на факултет, иако потоа излезе дека и мојот професор Љубиша Георгиевски се извалка политички, меѓутоа сѐ што ме учеше Љубиша Георгиевски пред да се извалка на начинот на кој се извалка, не се поклопува со тие протести. Нѐ учеше дека уметникот мора да биде авангарда во едно општество, дека уметникот е тој што треба да ги детектира сите проблеми, уметникот со новинарите треба да биде коректив на власта. Уметникот треба да сведочи за проблемите на едно општество и да ги коментира преку својата уметност. Да ја исполнува функцијата на еден интелектуалец.
Сето тоа што сега се прави, се коси со она што сум го учел на факултет, што сум учел од големи луѓе читајќи нивни книги и гледајќи нивни филмови. А тоа е дека добрите и вистинските уметници треба секогаш да бидат против власта. Секогаш треба да бидат на страната на послабиот, на тој што е понижен, повреден. Тоа е големината, благородноста на уметноста. На некој начин да се исмева со позициите на моќ и со дисторзиите што тие ги прават кај луѓето. Со тоа се занимавал Молиер цел живот, се исмевал со високото француско општество. Тоа го правел дури и еден Брехт, тоа го правел и Шекспир.
А овде кај нас излезе дека уметниците се најнепродуктивното и најлигавото и најпогубното нешто за ова општество. Оние што треба да го подобруваат, тие фактички го туркаат во поголема беда.
ФОКУС На стадионот му ставивме уште една трибина, ама со фудбалот некако не ни тргна. Ќе има ли повеќе среќа театарот со новиот Стар театар?
ТАСЕВСКИ Знаете што мислам дека ќе се случи со новиот театар? Ќе се случи истото како со арената Филип Втори. Тоа е огромно здание. Утре кога ќе се смени власта, ќе мора да се воведат рестрикции во трошењето.
МНТ кога беше и барака во Центар, беше во долгови, можете да замислите во какви долгови ќе биде со тие трошоци за парно, за осветлување… Прво, никогаш нема да работи под полна пареа. Продукцијата ќе опадне зашто ќе се скратат парите. Дискутабилни се претставите што се прават и денес во нашите театри, меѓутоа тогаш ќе станат уште подискутабилни. Едноставно ќе нема пари за еден квалитетен продукт. Тоа ќе доведе публиката уште повеќе да се осипе. Не знам колку седишта има тој театар, ама ќе биде, не полупразен, туку дали и петтина ќе се полни од него. Билетот ќе биде поскап…
ФОКУС Па, зошто тогаш воопшто беше обновен театарот?
ТАСЕВСКИ Сѐ што е изградено за овие години е префрлање наметка преку очи да не гледаме дека се соочуваме со голем неуспех. И како нација и како држава и како народ. Што ако ја изградија арената Филип Втори кога нашиот фудбал падна на најниските гранки? Што ако го изградија Стариот театар кога нашиот театар во последниве 10 години е сѐ полош?
ФОКУС А како Ви се виде претставата со која беше свечено отворен?
ТАСЕВСКИ Видовте со каква претстава се отвори новиот театар, не знам како да го наречам тоа – слет. Можеби тоа треба да биде така, за отворање еден театар, под ваква власт, конзервативно-националистичка. Како што реков, тие прават споменици со една повампирена фашистичка естетика, а со соц-реалистички елементи. Еве ви исто – претставата на отворањето e една претстава која повторно конотира една големина на македонскиот народ, негов континуитет од вечни времиња, па до сега, а од друга страна имаш соц-реалистички елементи и сето тоа изгледа како да е слет. Уште транспарентите да ги извадат на кои ќе пишува „Да ни живее оној, да ни живее овој“.
ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ СИ ЈА НАКРИВИ КАПАТА
ФОКУС Го споменавте Љубиша Георгиевски, кој бил Ваш ментор кога сте дипломирале на ФДУ. Контактирате ли со Вашиот професор?
ТАСЕВСКИ Соработувавме, тоа морам да го кажам. Многу го почитував Љубиша како мој професор и како режисер. Можеби голем дел од она што сум сега се должи на една мотивација што сум ја презел од мојот професор. Меѓутоа, пред три или четири години, по една наша расправија на проба, која прерасна во приватна кавга, сето она што претставуваше тој човек за мене и како авторитет и како личност, се урна во вода за 10 секунди. Штета, навистина штета за него што дозволи да премине некои граници и да го направи тоа што го направи…
ФОКУС Добро, тоа е личниот аспект. Што е во однос на неговиот општествен ангажман како уметник, дали си ја задржа улогата?
ТАСЕВСКИ Тоа сакам да кажам дека неговиот уметнички ангажман практично падна во вода оној момент кога тој реши да му се придружи на Мефисто, ако како метафора на Мефисто ја земеме власта. Сите оние приказни што ни ги раскажуваше за оние забранети претстави, за неговите авангардни политички решенија во претставите кои на почвата на Југославија предизвикувале големи контроверзии. Во одреден момент, практично падна сѐ во вода и Љубиша од некои свои лични причини реши да гази на целата таа оставштина.
Мислам дека и тој во една пригода го кажа тоа на некој начин, приватно. Дека решил да ја накриви капата малку бидејќи доста му било од тапкање по рамо. Го направи тоа што го направи, ќе му служи нему на чест зашто кај многу луѓе паднал во очите. Мене ми е практично малку и жал бидејќи лично се знам со неговото семејство. Особено со неговата ќерка Мери.
ФОКУС Таа беше цел на напади во врска со протестите за кои зборувавме?
ТАСЕВСКИ Мери на некој начин уште тогаш отворено проговори за аномалиите и беше жестоко нападната дури и од директорите на театрите. Буквално се најде на ветрометина, меѓутоа тоа беше голем потег на Мери. Тоа ја крена во моите очи и тоа е доказ дека не мора сите круши да паѓаат под крушата на која растеле. Таа збореше против корумпираноста на таканаречените уметници и нивното ставање во скутот на власта.
ФОКУС Не е само Георгиевски човекот кој метафорички кажано му се придружил на Мефисто. Во политиката има многу актери. Веројатно политичарите имаат потреба од луѓе со углед во јавноста. Дали некогаш Ви била понудена таква улога?
ТАСЕВСКИ За да ти понудат добра улога во политиката, треба да си малку оштетена личност. Во смисла – постојат луѓе што ги вршат тие регрутации, таква екипа на тимови што регрутираат има секоја партија. Меѓутоа за да добиеш добра улога во таа партија, ти мора да си оштетена личност. Лидерите на нашите партии се оштетени личности во смисла – нарцисоидни, премногу амбициозни, со валкани биографии. Намерно ги бираат со „флекави“ биографии за да ги држат во рака и да бидат сигурни дека кога ќе дојдат на силна функција ќе го исполнат она кое никој нормален со силни етички принципи не би сакал да го направи. Затоа мене никој не ми понудил улога во партија, затоа што без разлика дали се од ВМРО или од СДСМ, тие што го прават тоа, многу добро ја знаат мојата природа.
ФОКУС Што ако утре некој дојде и Ви понуди да бидете пратеник, на пример?
ТАСЕВСКИ Не верувам дека ќе дојдат, ама не можам да кажам што би одговорил. Не можам, од проста причина бидејќи ние луѓето не знаеме колку сме силни ако не се соочиме со некои искушенија. Да, тоа е големо искушение кога ќе ти дојде Мефисто, ќе ти затропа со договорот и ќе ти рече: Подготвен си да потпишеш овде или не? Така што сега можам сѐ да ви кажам, и дека тоа резолутно ќе го одбијам или не знам што, меѓутоа кога ќе дојде моментот, тогаш важи онаа латинската Hic Rhodus, hic salta! – Овде е Родос, овде скокни да те видам! Затоа не можам да кажам што ќе одговорам, ама не ме викаат затоа што никој не сака човек што има автономен став за повеќе работи.
Сатира
ЛУЃЕТО САКААТ НЕКОЈ ВО НИВНО ИМЕ ДА ПУШТИ ГЛАС
ФОКУС Велат кога народот се оддава на игри на среќа, тоа е време на сиромаштија, а што се случува кога народот се оддава на комедијата и на сатирата?
ТАСЕВСКИ Кога не можеш да го обесиш твојот душман „наглавечки“ за некоја бандера и да го тепаш со електричен пендрек, најубава замена за тоа е сатирата. Таа е поефикасно оружје. Зашто во оној момент кога ќе почнеш смешно да ја коментираш својата судбина и околностите во кои живееш, ти практично со тоа ги победуваш, ги надминуваш. Се креваш барем два прста над тие проблеми. И кога една трагична околност ќе ја осветлиш со комедија, со сатира, спознанијата до кои ќе дојдеш за таа реалност се многу подлабоки.
Затоа сме сведоци на социјалните мрежи, разни твитерџии, блогери, фејсбук-манијаци, кои благодарение на својата сатира толку добро проникнале во работите, што просто нема шанси некого да не изнервираат, од тие што треба да бидат изнервирани. Тоа го знам и од моите стендап-настапи кои никогаш не се „лајтерици“, никогаш не се само за секс, жени и за шминка туку многу има и политички хумор. И знам како реагирале луѓето на тоа. Едноставно тие сакаат некој да проговори, да пушти глас. А најубаво таа вистина ќе допре до нивните мозоци преку комедијата, исто како во рекламата каде што ако еден производ го коментираш преку комичното, многу полесно влегува во свеста на потрошувачите. Затоа луѓето доаѓаат и ги сакаат стендап-комедиите. Тие што не се чувствуваат доволно силни тоа да го кажат од икс причини, доаѓаат на моите стендап-настапи и многу добро фаќаат сеир кога јас го кажувам тоа во мое име. Без разлика што потоа јас ги сносам последиците за кажаното.
Театар
СЕГА СМЕ ВО СЕЛСКА ЛИГА!
ФОКУС Што е она што покажува како котира нашиот театар во светот?
ТАСЕВСКИ За да се мериш со светот во однос на театарот, мора да шеташ. Нашите театри веќе со години не одат никаде, конкретно еве зборувам за Драмски театар, ние одамна не учествуваме на големи фестивали. За да одиш по големи фестивали, се плаќаат и одредени котизации, едноставно не можеме да влеземе во таа Лига на шампиони.
ФОКУС Според таа паралела, македонскиот театар е во Куп на УЕФА?
ТАСЕВСКИ Ма не сме ни во Купот на УЕФА, во некоја локална селска лига сме во моментов. Квалитетот е паднат и по темите со кои се занимава театарот. Театарот одамна престана да биде потрага, престана да биде експеримент. Гледате и сами какви претстави се прават.