Зар некој поверува дека оваа влада ќе ги затвори погоните на Минчо Јорданов!?

by Фокус 13:17
13:17

Текстот е објавен на 24-ти февруари 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 869 

Пишува
Сашка ЦВЕТКОВСКА

- Advertising -

Загадувачите не се само обични загадувачи, тие се е и големи бизниси. Окта, Железарница, ФЕНИ, сеништето Топилница – се дел од низата примери кои покажуваат дека меѓу парите и здравјето, она на народот, првиот избор секогаш се парите. На џиновите никој ништо не им може, информации околу тоа – колку и дали загадуваат тешко се добиваат, а за само две години сите овие фабрики ќе треба да ги интегрираат во своите погони потребните еко-стандарди, за да можат воопшто да работат.

Се разбира, процесот на добивање еколошка дозвола е скап. Треба многу време и многу пари. А, според информациите на „Фокус“, од Министерството во животна средна, многу од овие фабрики немаат ниту почнато со инвестиции во делот на животната средина, па, оттука, очекувањата дека ќе го стасаат последниот воз се речиси неостварливи.

Но, потреба од секирации нема, оти најавите се дека власта ќе го прикочи возот, па сите ќе стигнат. Не до 2014 година, како што е најавено, туку до 2019-та ќе чекаме нашите бизнисмени да покажат одговорност кон средината во која живеат, да го одврзат чекмеџето и да престанат да работат како погоните да им се на Марс, а не меѓу живи луѓе.

Во министерството уште уверуваат дека рокот останува да биде 2014 година, но извори во институцијата кои сакаа да останат анонимни, тврдат дека се подготвуваат измени, оти никој нема да стигне.

– Рокот ќе се продолжи до 2019 година. Најголемиот број фабрики буквално се на самиот почеток, па им треба време сето тоа да го имплементираат. Kоја влада ќе тргне да затвора фабрики само затоа што не исполнувале еколошки стандарди?! На никој не му е гајле што дишеме, каква вода пиеме, што јадеме – вели нашиот извор.

ФЕНИ И ЈУГОХРОМ СО НЕЗАКОНСКИ ДОЗВОЛИ?!

Но, дозволи се издаваа и до сега. Вистинското прашање е, во какви околности и  услови се издадоа тие дозволи и зошто Министерството за животна средина не откри, дека на дозволите им се спрема ревизија?

ФЕНИ беше првиот загадувач кој доби еколошка дозвола од Министерството за животна средина. По него доби и Југохром или поранешниот СИЛМАК. Дозволи се издадоа уште на десетина погони. Истите тие дозволи сега се на ревизија, односно, според официјалните податоци од министерството, допрва ќе се формира комисија која ќе работи на таа ревизија, што не билo ништо друго, ами обично „усогласување со новата законска регулатива“.

Но, изворот во министерството посочува дека ревизијата се прави токму поради незаконитостите во процесот на издавање на дозволите, за што невладините организации предупредија пред околу половина година, а откако случајот стигнал и до Европската комисија, под притисокот се попуштило и ревизија допрва треба да се случи.

„Не се работи за недоследности, туку со оглед на тоа дека во моментот на издавање на првите дозволи за усогласување со оперативен план не беше комплетирана законската регулатива во однос на Законот за воздух и Законот за води, МЖСПП процени дека новите законски акти дават законска основа за ревизија на дозволите“, гласи одговорот од министерството.

Но, еве што зборуваа невладините пред само неколку месеци. Заедничката истрага на група еколошки организации покажала дека министерството одобрило измени во дозволите за ФЕНИ и за Југохром во незаконски процедури.

„Еколошката дозвола подразбира листа со активности кои компанијата мора да ги спроведе со цел да го намали и да го контролира загадувањето, рокови до кога најдоцна ќе се спроведат и колку финансиски средства ќе бидат вложени од страна на загадувачот“, наведоа невладините.

ФЕНИ не ги реализирала обврските од дозволата, а како „награда“ за законските прекршувања, доби дозвола со нови рокови во септември 2010 година. Еколошките организации „Фронт“, Македонски зелен центар, Македонско еколошко друштво и „Екосвест“ тврдат дека ова значи оти со изменетата дозвола ФЕНИ има „зелено светло“ од Министерството за животна средина до 2014 година да загадува со сулфурни оксиди седум пати повеќе од максимално дозволените концентрации.

Во делот за „Југохром“, невладините посочија дека во 2010 година новиот сопственик на компанијата побарал измена на претходно добиената дозвола, поради тоа што стариот сопственик не исполнил ниту една од обврските кои ги превземал со добивањето на дозволата во 2008 година.

Министерството ги продолжило измените иако законот налагал и казна за фирмата, а не нови рокови. Меѓу другото, еколозите го поставија и прашањето, каде биле надлежните цели две години да извршат надзор и да видат дали оној кому му дале зелено светло да работи, си ги исполнува обврските?

Се разбира, надлежните ги демантираа еколозите со брзина на светлината, но новиот развој на настаните покажува дека сепак, имало нешто гнило во случајот еколошки дозволи!

ЌЕ СЕ ИЗНАЧЕКАМЕ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

Најтазе „бунт“ против загадувачите е оној на жителите на скопската населба Железара. Погоните сместени во комплексот на старата Железарница работат со полна пареа, а со такво темпо и жителите на Железара, Бутел, Автокоманда и на Гази Баба бришат прашина секојдневно. Ако претходно надлежните ги уверувале дека сѐ е под контрола, по последната средба со претставници на фирмите и на Министерството за животна средина, сфатиле дека нивните маки ќе продолжат уште долго време.

– Тие ни рекоа дека инвестициите, за да не се загадува вака како што се загадува, чинеле многу пари. И тогаш дури ни стана јасно што е работата. Побаравме и мерни станици да ни стави министерството, за да можеме да видиме колку загадуваат, ама и тоа било скапо. Сега знаеме дека не загадуваат, ама не ни кажуваат колку, а уште треба да ги жалиме дека обрвските кон нашето здравје им се скапи – вели Соња Катарџиска, советничка во општина Гази Баба.

Фабриките во Железарница не се ни блиску до добивање еколошки дозволи. За Макстил допрва ќе се одржи јавна расправа по однос на нацрт дозволата, Скопски легури се во завршна фаза со нацртот, а Митал имаат поднесено само барање.

Окта, пак, исто така заврши во купот стари проблеми со кои никој не се занимава. Министерството за животна средина уште во 2008 година вети дека ќе направи студија за историско загадување. По пет години од студијата нема ни трага ни глас, а самите тие ја информираа јавноста дека студијата била готова. Готова или не, на јавноста секако и е недостапна на увид. Исто како и процесот околу добивањето на еколошката дозволи – и по речиси пет години загадувачот е стигнат до нацрт дозвола!

Оттука, информациите од Министерството за животна средина, дека загадувачите ќе бидат почестени со уште пет години дополнителни рокови за услогасување со еколошките стандарди, звучат многу поуверливо од она  – крајниот рок е во април  2014 година – кое упорно ни го сервираат надлежните од оваа владина институција!

Нема белким некој да поверува оти оваа влада ќе се впушти во затворање на погоните на Минчо Јорданов, или, пак, на државната РЕК Битола, која, наместо пример, излегува обичен „кецaрош“ во однос на одговорноста кон средината. А до тогаш – ништо. Ќе дишеме воздух каков што си дишеме, ќе пиеме вода каква што и до сега си пиевме, ќе јадеме храна од истата почва, и нема да прашуваме ништо, оти, и онака одговори или не се добиваат, или се кријат, или, пак, доцнат со години!

РЕК БИТОЛА НЕМА АБЕР

Според експертските проценки, на Макстил ќе му требаат околу пет милиони евра инвестиции во животната средина, за да ја добие дозволата. Толку ќе чинат и мерките на Окта, а најскапата инсталација ќе биде онаа на државната РЕК Битола, мерена во десетици милиони евра. РЕК Битола веќе пет години, од 2007 наваму, по доставувањето на барањето за еколошка дозвола, не стигна ниту до нацрт-дозвола. Неговото барање околу четири години не беше објавено ниту на веб-страницата на Министерството за животна средина, иако законот налага документот да биде јавно достапен!

Поврзани новости