Со настапите на Андријана Јаневска, ДНК, Слаткар и Зера, синоќа започна музичката програма на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер 2023” во Кавадарци.
Настанот го преполни градот со посетители од повеќе краеви, и првата вечер поради изборот на музичките гости најмногу го привлече вниманието на младите генерации кои се забавуваа со звуците на своите омилени музичари.
Вечерва на градскиот плоштад продолжуваат концертите и ќе настапат Барбара Ракичевиќ и Мартија Станојковиќ за помладите генерации, а потоа следуваат концертите на Харис Џиновиќ и Халид Бешлиќ, кои имаат армија на обожаватели од повозрасните генерации.
Џиновиќ започнува со настап во 21.30 часот, а пак Бешлиќ во 23.30 часот.
Харис Џиновиќ (72) и минатата година настапуваше на кавадаречкиот гроздобер. Неговиот концерт собра огромен број на публика, која со него ги пееше неговите хитови и го враќаше на бис.
Токму поради атмосферата која ја приреди и поради топлиот прием од публиката, и годинава било одлучено повторно да го поканат на манифестацијата.
Инаку, Џиновиќ деновиве е актуелен во регионалните медиуми поради веста дека се разведува со 30 години помладата сопруга Мелина, по девет години брак, а пред тоа беа во врска 11 години. Лани изјави дека се вселиле во вила на Сењак, вредна два милиони евра, која ја граделе од 2017 година, а за српските медиуми изјавуваше дека имаат голема слога во бракот, и покрај разликата во годините.
И покрај немилите теми поради кои е застапен во медиумите овој период, Харис не можел да ја одбие понудата за настап во Кавадарци, бидејќи од минатиот гроздобер имал преубави впечатоци.
Третата гроздоберска вечер во Кавадарци настапуваат Лина Пејовска, Дарко Лазиќ и Лепа Брена.
Додека траат настапите на плоштад, истовремено во Полициското паркче се одржува настанот Скара и вино, и настапуваат голем број на домашни фолк групи.
Вики Клинчарова