Бројот на загинати во Мароко надмина 800, евакуирани се двајца македонски државјани

by fokus

Во катастрофалниот земјотрес што синоќа го погоди Мароко, според последните податоци, загинаа најмалку 820 лица, а 672 се повредени.

Како што наведува Министерството за внатрешни работи на Мароко смртните случаи од земјотресот со јачина од седум степени според Рихтеровата скала се во неколку региони, вклучувајќи ги провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и градовите Уарзазате, Азилал, Чичауа и Тарудант.

Министерството за надворешни работи соопшти дека во нашето Дипломатско конзуларно претставништва во Каиро, е во комуникација со надлежните институции во Мароко, за евентуални наши државјани во погодените региони и потреба за евакуација.

-Во нашето Дипломатско конзуларно претставништво во Каиро досега се пријавени само двајца наши државјани, кои се евакуирани и моментално се во камп во Маракеш, во добра состојба и утре вечер патуваат за Мадрид.

Ги повикуваме сите државјани на Северна Македонија кои во моментот се наоѓаат во Мароко и имаат потреба од конзуларна асистенција, да се јават на дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро +20 103 361 5542 и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, соопшти МНР.

Поврзани новости