Додека да ги средите тоалетите во училиштата и болниците, Брена можеме да ја слушаме на радио – Врање против познатата пејачка!

by fokus

Културната манифестација ,,Денови на Врање”, која се одржува секоја година од 22-ри до 25-ти август во соседна Србија, годинава ја најави популарната пејачка Лепа Брена како главна музичка ѕвезда на настанот, што беше доволен мотив дел од граѓаните да започнат онлајн петиција против нејзиното гостување. Имено, на страницата за потпишување на петиции објавено е барање да се откаже учеството на Брена на настанот, а предвидените 15.000 евра да бидат пренаменети за реновирање на тоалетите во училиштата и болниците во Врање.

-Градот Врање да не ги фрла нашите пари на непотребни работи. Традиционалната манифестација може да помине и без учеството на Брена и на други скапи музичари, а парите да се пренаменат за реновирање на тоалетите во училиштата и болниците. Додека училишните и болнички тоалети се во хаос, условите во болниците на минимално ниво, можеме да ја слушаме Брена и на радио. Вклучете се во оваа акција, со која ќе се помогне парите на овој град да бидат вложени во корисни и вредни работи – наведено е во петицијата која деновиве се споделува и потпишува.

Пред две години во Чачак исто така беше актуелна петицијата против Новогодишен настап на Брена, за кој општината одвоила околу 22.000 евра. Луѓето бараа средствата да бидат пренаменети за лекување на болни деца. Сепак, и покрај противењето на голем дел од јавноста, Лепа Брена настапи во Чачак.

Пејачката е честа гостинка и кај нас. Лани во декември одржа концерт во ВИП Арена Борис Трајковски во Скопје по повод 35 години кариера. Исто така, минатата година пееше на струмичкиот плоштад, во склоп на манифестацијата ,,Струмица Опен Фест”. Во 2017 година пееше на ,,Пастрмајлијадата” во Штип, а истата година одржа и концерт во Градиште, Охрид. Концерт во Охрид одржа и минатото лето. Во 2015 година беше главна музичка ѕвезда на ,,Каменичко културно лето” во Македонска Каменица. Пред седум години за 35.000 евра пееше на ,,Пивофест” во Прилеп и тогашниот градоначалник Марјан Ристески ни откри дека двајцата со Брена ги средувал истиот стилист, Алек Палада.

Вики Клинчарова

Поврзани новости