Наум Петрески, Благица Павловска, Ферус, Зуица Лазова, Ристо Самарџиев, Елена Ристеска, Мераклиите од Мерак Меана се дел од музичарите кои ќе ги забавуваат присутните на плоштадот во Скопје, за време на дочекот на Новата 2023 година.
Само со македонски музички гости ќе се реализира забавната програма, која се чуваше во тајност до пред неколку дена. Како што раскажуваат музичарите, од Град Скопје дури пред два дена им дозволиле да објават на своите социјални профили дека ќе пеат за дочекот, за да биде изненадувањето поголемо.
Сепак, реакциите на јавноста околу изборот на гостите се поделени, некои се радуваат на македонските пејачи, други пак, очекувале популарни музички имиња од соседството.
Популарниот фолк пејач Наум Петрески за ,,Фокус” вели дека има разбирање за реакциите, затоа што регионалните музичари имаат значително поголем маркетинг од домашните, но сепак ветува добра забава на плоштад. Потенцира дека иако хонорарите кои ќе ги добијат нашите пејачи не се огромни, публиката ќе има можност да следи квалитетна програма без мини здолништа, длабоки деколтеа и како што вели, без мјаукање, туку со добро пеење.
-Секој си има право на свое мислење во демократска земја. Така било отсекогаш, и неретко кај нас за Нова година и други прослави доминираат пејачите од увоз. Можеби и тоа е нормално, со оглед на нивните маркетиншки покриености низ целиот Балкан. За разлика од нив, кои ги има на секоја нивна телевизија, нашите телевизии немаат идеји што да прават со себе, па удираат со македонски приказни и турски серии, со емисии кои никој реално не би ги гледал. За дочекот на Новата година можам да кажам дека ќе биде во духот на македонското, така да, можеби ќе се зголеми чувството за државност и за своите традиции. И она кое е исто така многу важно, нема одлив на огромни пари во странство, туку поскромни средства кои остануваат тука. Публиката ќе види многу повеќе од мини сукњи, деколтеа и мјаукања на бина (чест на поквалитетните изведувачи) – вели Петрески.
Додава дека во годината која изминува светла точка му е раѓањето на внукот, но ќе ја памти и по проектите кои му ги одбило Министерството за култура.
-Ќе ја памтам 2022 година по моите проекти за кои бев одбиен од Министерството за ,,некултура”, и се надевам кога ќе се смени оваа власт дека ќе се направи ревизија, да дознаеме кои се тие таленти кои одлучуваат, и каде ги фрлаат средствата за културни настани. Веројатно кај роднини и пријатели, или по други за да извлечат некој процент за себе! Тешко на државата со такви министерства! Уште малку и без идентитет и без држава! Единствената светла точка ми беше раѓањето на внукот, блиската фамилија и искрените пријатели кои се моја постојана поддршка – ни изјави музичарот.
Вики Клинчарова