ДНК анализа потврди: Четворица студенти од Албанија меѓу загинатите во трагедијата во Грција

by Fokus

Со ДНК анализа е потврдено дека меѓу јагленисаните тела од железничката несреќа во Грција се и телата на четворица студенти-Албанци, од нив две девојки, соопшти Министерството за Европа и надворешни работи. За уште еден кој се води како исчезнат се чека ДНК анализа.

Жртвите се Ифигенија Миска, Павлин Бозо, Јоанис Џола и Клаудиа Лата, кои живееле во Грција, а некој од нив имал и грчко државјанство.

Со одлука на Владата денешниот ден во Албанија е ден на национална жалост во знак на почит за жртвите во железничката несреќа во Грција.

На сите државни институции, како и на албанските дипломатските претставништва во светот, знамето е спуштено на половина копје, објави на Фејсбук премиерот Еди Рама.

– Трагедијата на Грција е и наша трагедија, болката за изгубените животи во страшната несреќа е и наша и ова е еден од оние моменти во животот, кога една голема загуба кај соседот покажува многу повеќе од сто радости дека нашите животи се нераскинливо поврзани и дека мораме да дадеме се од себе да ги направиме што е можно подобри, соработувајќи се повеќе и повеќе меѓу себе, напиша Рама.

Поврзани новости