Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање политички партии, Антикорупциска комисија го затвора и ќе го проследи до Државниот завод за ревизија (ДЗР) и до Министерството за правда како надлежни за надзор и следење на финансирањето политички партии.
Шемши Салаи, член на ДКСК, на денешната седница на Комисијата рече дека се работи за донација за Демократска унија за интеграција (ДУИ) која била поголема од тоа што го дозволува законот, а предметот, рече, го отвориле по сопствена иницијатива врз основа на новинарско прашање.
Врз основа на извештаите што ги добиле од ДЗР, констатирано е прекршување на член 16 од Законот за финансирање политички партии, затоа што физичко лице има донирано повеќе отколку што е законски дозволено.
Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примат повеќе од 60 просечни нето плати од правни лица и повеќе од 30 просечни плати во државава од физички лица.
Од ДУИ ги добиле бараните документи и потврда дека во меѓувреме и самите го констатирале надминатиот износ и донеле одлука средствата заедно со вирмани дека се вратени.
-Констатирале и дека од два правни субјекта добиле поголем износ и решиле да ги вратат во јули 2023, рече Салаи.
Сепак, повредата на член 16 од Закон за финансирање политички партии е направена затоа што парите не се вратени веднаш или најдоцна од 15 дена од нивното донирање. Поради тоа за овој предмет ДКСК ќе ги информира ДЗР и Министерството за правда.
Фото:МИА