Бројот на загинати во железничката несреќа во Грција се зголеми на 57 лица, според официјалниот брифинг од портпаролите на грчката полиција и грчката противпожарна служба, заклучно со 19.15 часот по локално време.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димолиду објасни дека досега биле пријавени 56 лица за исчезнати, а се потврдени 57 загинати, односно еден повеќе од пријавените, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега, додека пак паралелно во тек е идентификација на жртвите.
-Досега во грчката полиција официјално се пријавени 56 патници како исчезнати. Се нагласува „досега “, бидејќи постои можност некој да бил во возот и да не бил пријавен за исчезнат од блиски или роднини. Засега потврдената бројка на мртви кои се извлечени е 57. Односно еден повеќе од пријавените во списокот, рече Димолиду.