Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на денешната седница на Советот на општината, одговарајќи на прашање, рече дека е започната процедурата за уривање на дивоградба на улица „Никола Вапцаров“ бр.6, која е во сопственост на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
-Се работи за дивоградба во строгиот Центар, на улица „Никола Вапцаров“ бр. 6. Слушам од медиумите дека господинот Владимир Панчевски смета дека има некоја посебна хајка и стратегија од моја страна, односно од инспекцијата, што не е точно. Постапуваме како и во сите случаи кога има дивоградба. Ги слушнав сите одговори од господинот Панчевски, но не слушнав негирање дали се работи за дивоградба. Ова не е хајка, туку почитување на основниот принцип кој го зацртавме со нашето доаѓање, а тоа е законско работење, рече Жерновски.
Раководителот на Секторот за инспекциски работи, Кочо Стојчески, одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека ќе се побара асистенција на полиција за уривање на дивоградбата.