,,Не можам да поверувам како моралните вредности веќе и не постојат кај вас, вие што давате поддршка на еден педофил. Барем почекајте го крајот на судењето. Дали барем малку не размисливте за пораката што им ја праќате на вашите деца, а тоа дека ако некој сексуално се надразнува, па макар не отишол до крај, тоа не е ништо??? Како не ви е срам да осудувате дете што не можело да издржи такво злоставување и тоа го пријавило. Што требаше да направам јас како родител, да молчам? Да се срамам да пријавам човек што повредил мое дете?
Па уште ме осудувате. СРАМ ДА ВИ Е !!!” – вака на својот фејсбук профил, но и на страницата на локален медиум од Кавадарци, под линкот со соопштението дека граѓани од Кавадарци протестираат во знак на поддршка на тренерот по стрелаштво, Благој Пешиќ, притворен под сомнение дека обљубил 13-годишна ученичка, реагира мајката на девојчето.
Интересот на јавноста за случајот кој што е топ тема во медиумите околу три месеци, не стивнува.
Се започна кон крајот на март годинава, кога родители на 13-годишно девојче од Кавадарци пријавиле дека неговиот тренер по стрелаштво, Благој Пешиќ (68) во изминатите три месеци, во повеќе наврати го обљубил девојчето.
Тогаш од СВР Велес ни изјавија дека настанот е документиран и доставен до ОЈО Кавадарци, по што надлежниот Основен суд Велес, на тренерот му одредил притвор.
Набргу потоа, стрелците од СК Кавадарци испратија соопштение до медиумите, во кое тврдеа дека обвинението го дочекале со неверување, и сметале дека му е нанесена неправда на тренерот. Поради неговата здравствена состојба, со оглед на тоа што бил дијабетичар, тие бараа да биде пуштен во домашен притвор.
Инаку, Благој е татко на познатата олимпијка Дивна Пешиќ, која што поради случувањата допатува во земјава заедно со двете деца, од Америка, каде живее со своето семејство, со цел да го поддржи татко и, но и како што вели, да ја дочека правдата.
Минатата недела, таа со група граѓани, спортски работници и спортисти одржа мирен протест пред Основниот суд во Велес, посочувајќи дека случајот е наместен, и татко и неправедно се наоѓа во притвор. Настанот беше следен од повеќе медиуми.
Со цел јавноста да ја слушне и другата страна, ,,Фокус” стапи во контакт со мајката на девојчето. Сепак, таа одби да ја сподели својата страна на приказната, бидејќи сметала дека медиумите веќе однапред завзеле страна.
,,Можеби ќе раскажам на некој непристрасен медиум, кога ќе заврши се” – беа нејзините зборови.
И додека мајката се огради од повеќе коментари, Дивна вели дека се надева како нема да им се случи да ја почувствуваат на своја кожа поговорката ,,Осудија погрешен човек, и за да ја поправат грешката – го обесија”.
,,Нашиот револт е токму ова, татко ми е и притворен само по една изјава без никакви докази, а доказ можело да земат доколку сакале да ја утврдат вистината, отисок од врат се зема најлесно и е редовна процедура (Девојчето изјавило дека тренерот го бакнал на вратот). А наспроти тоа, постојат деца стрелци, очевидци на тој тренинг кои го опишуваат тренингот исто како и татко ми, затоа што тоа било највообичаен тренинг. И зошто притвор? И тоа веќе трет месец, без никакви образложенија и докази, но со цел ако може да го отепаат човек за да нема кој да суди – тврди Дивна Пешиќ.
Според неа, доколку татко и бил виновен, таа, сестра и и мајка и први ќе го оставеле таму каде што е сега, затоа што моралните вредности и совеста им се најважни.
,,Јас и сестра ми му кажавме на татко ни при првата посета во Шутка, дека има две ќерки кои што вредат колку десет синови и последно ќе ни биде во животот да го оставиме овде и да ја докажеме неговата невиност! А таков човек со конзервативен карактер, чесен, достоинствен, морален, професионален во секој аспект, со толку големо срце и љубов кон спортот, кој толку многу допринесол за македонското стрелаштво, и тоа цел живот без никаква финансиска надокнада, најмалку заслужи некој на ваков нечовечен, понижувачки, неморален и безобразен начин да му врати” – раскажува олимпијката, додавајќи дека ќе остане овде се додека не се докаже невиноста на татко и. Нејзиниот сопруг останал во Америка, а таа со децата повеќе од два месеци е во Кавадарци.
,,Која е цената на тие бездушници и како можат мирно да спијат кога знаат дека невин човек лежи во притвор и уништуваат цела фамилија? Јас пред три месеци дојдов од Америка со 9 месечно бебе и тригодишен син, за да лутам по судови, затвори, болници и да се борам против злонамерници на кои само материјалниот интерес им е мерило за вредност во животот. Која мизерија!
А во однос на сите незаконитости и непрофесионалности во работењето на јавниот обвинител од Велес, напишав повеќе страници и ги доставив до надлежните институции, штета што е незаконски да ги споделам со јавноста за да се уверите низ кој пекол поминав овие три месеци…
Сепак се уште верувам во правда и верувам дека навреме ќе ја поправат грешката, но не како во поговорката ” Осудија погрешен човек, и за да ја поправат грешката го обесија!” Татко ми е голем човек, со големо срце и чиста душа, цел живот како социјален работник помагал на луѓе на кои им била потребна помош, но за вакви монструми нема оправдување!” – револтирано појаснува Дивна.
Откако мајката на девојчето на социјалните мрежи се огласи прашувајќи ја јавноста како може да дава поддршка на педофил, таа додава дека е запрепастена од изразот кој што е употребен за нејзниот татко.
,,Како се осмелува мајката на девојчето јавно да го нарекува татко ми педофил!?
Илјадници луѓе даваат поддршка за човек кој е невино осомничен за педофилија, никој не е будала, вклучувајќи ме и мене, да дава поддршка на педофил! Има голема разлика! Жртва во случајот е татко ми, а не девојчето! Само штом е спремно така да изјавува на 13 години, се плашам да помислам на што ќе биде спремно кога ќе порасне” – вели Дивна, додавајќи дека целото семејство и е изцрпено и живеат во агонија.
,,Додека фамилијата на девојчето ” жртва” си ги славеше сите празници, пеејќи по цркви и манастири ,на нашата фамилија не и беше ни до Велигден, ни до Први Мај ни до Духовден, исцрпени и психички и физички, со болка во срцето кога ги гледаш родителите, кои се 45 години заедно во вистинска љубов, некој сака да ти ги уништи и молејќи се да ја преживеат оваа гнасна лага и клевета.
И иако многумина велат дека нема правда, нашата фамилија ја очекува правдата и тоа многу бргу!”- раскажа Пешиќ.
Вики Клинчарова