Дивна Пешиќ Грозданов, ликовен уметник и шампион во стрелање, повторно се најде на врвот на натпреварот по уметност ,,Американ Арт Авард 2018”, и го освои второто место во категоријата абстрактен експресионизам.
На натпреварот, кој е еден од најпрестижните во Америка, таа конкурирала со делото масло на платно, кое го нарекла ,,Си беше еднаш многу одамна една убава земја Македонија, но…”.
Ова не е прв пат младата уметница да го воодушеви жирито на ,,Американ Арт Авард”, каде секоја година конкурираат уметници од над 50 земји, чии дела потоа ги оценуваат десетици најпознати музеи и галерии од САД. Лани таа го освои првото место со делото „Недопрена доверба“ во категорија абстракт, а наградата му ја посвети на својот татко, тренер по стрелаштво, Благоја Пешиќ. Во истата категорија, но и во категориите абстрактен експресионизам и религија и еротика има освоено прво место и во 2010, 2012 и во 2015 година. За ,,Фокус” таа вели дека е горда на постигнатиот успех, бидејќи станува збор за еден ценет натпревар каде конкуренцијата е доста силна.
-Со сопругот Блаже и синовите живееме во Америка веќе неколку години. Времето го минувам посветена на семејството, сами сме во Америка, што значи дека овде немаме помош од баби и дедовци околу грижата за малите, па се трудам максимално да се организирам и да најдам време на сликање, а при тоа да не го запоставам семејството и потребите на синовите. Сликањето е мојата голема љубов, па најчесто се случува ноќе, кога ќе заспијат децата, да се затворам во собата за сликање и да не излезам со часови. Многу мои дела се направени во еден здив, додека не ја завршам сликата, не излегувам од соба, па макар и цела ноќ да сликам – ни изјави Дивна.
Вели дека е среќна што има безрезервна поддршка од сопругот Блаже, кој исто како и таа, е по потекло од Кавадарци.
-Во Америка живееме мирен живот. Додека сопругот е на работа, јас сум со децата, готвам традиционална македонска храна, ги водам на прошетки во природа, кога имаме слободно време се дружиме со нашите ислеленици. Деновите ми минуваат исполнети со обврски, но затоа пак ноќите ми се резервирани за мојата голема пасија, сликањето – вели уметницата.
Минатиот месец таа во Сињ, Хрватска, се сретна со хрватската претседателка Колинда Грабар, каде во музеј беа изложени нејзините дела, на свеченост под покровителство на Колинда.
-Дивна, Македонија сигурно се гордее што има културен амбасадор како тебе! Останав без зборови од твоите дела, од успесите и светските награди кои си ги освоила во Америка – и порача тогаш претседателката, заблагодарувајќи и се за насликаните слики за Сињска алка, но и поради тоа што ги почестила со своето присуство на настанот.
Вики Клинчарова