Договорот можност за уривање на митовите и приближување на граѓаните на двете земји

by fokus

Зачуван идентитет, отворање на можноста за надминување на непродуктивниот национализам и зближување на граѓаните на двете земји, уривање на стереотипите и митовите, чекорење кон иднината и прогрес се дел од придобивките од Договорот од Преспа.

Тој е документ, кој се базира на почитување на човековите права и е алатка за нивно унапредување. Иако придобивките од него се во најголема мера позитивни, сепак тој е и доказ дека во меѓународното право не секогаш односите се решаваат врз принципот на  рамноправноста, туку често пати условите ги диктираат посилните.

Ова се дел од заклучоците на денешната дипломатско-научната дебата што се одржа во Министерството за надворешни работи, во организација на Дипломатскиот клуб.

За нив Договорот е алатка и каква таква може да биде и употребен и злоупотребен.

– Тој не е гаранција дека навистина се ќе биде добро направено. Како и секоја алатка може да биде употребен на начин кој може да се означи како негативен. Основната гаранција на добрата употреба на договорот е контролниот мехамизан вграден во него, а кој е поврзан со човековите права и слободи, истакна пред присутните професорката Мирјана Најчевска.

Таа говореше за Договорот од аспект на почитување на човековите права и нагласи дека во Преамбулата на документот се вели дека страните го склучуваат водени од начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и слободи и достоинството.

Во Договорот, како основна рамка, вели таа е даден концептот за човекови права и во него има прецизно раздвојување на јавната од приватната сфера.

– Оваа спогодба нема за цел да ја поткопа, измени или да влијае на употребата на идентитетот од страна на граѓаните на двете страни. Самите граѓани можат да си се нарекуваат Македонци, можат да си го градат својот идентитет, можат да си се нарекуваат и антички Македонци, никој не може тоа да им го забрани, можат да се нарекуваат и сибирски Македонци, може како сакаат, значи не се допира во индивидуалното определување на сопственото сфаќање на личниот идентитет, нагласи Најчевска.

Државниот секретар во МНР Виктор Димовски нагласи дека Договорот од Преспа, заедно со Договорот со Бугарија, претставува уникатен пример на балканските простори за постигнување компромис и помирување на долготрајни историски прашања, со кои се отвора ново поглавје во регионот.

– Во моментов сме во клучен историски период за иднината на нашата земја, а владите остануваат посветени на доследно и брзо имплементирање на Спогодбата од Преспа, но нејзиното заживување ќе зависи од волјата на македонските и грчките граѓани. На 30 септември македонските граѓани ќе имаат можност да го препознаат и дефинитивно да ја потврдат неповратноста во одвивањето на позитивните трансформативни демократски процеси во нашето општество. Уверен сум дека оваа уникатна прилика нема да биде пропуштена, нагласи тој.

За дипломатот  Сашко Тодоровски, Македонија уште во 1936 година била исправена пред дилемата – желбата наречена една држава и реалполитиката или, како што рече „народски кажано врапче во рака“.

– Во далечната 1936 година и нашите предци истата ја разрешиле на најправилниот и најпрагматичниот начин, но и по пат на свесна грешка или како правна и политичка фикција. Тие знаеле дека овој дел на Македонија е исто што и целата Македонија, но таа нивна одлука се докажала како исправна. Ако се чекала или прифатела екстремната варијанта можеби и денеска немаше да имаме национална држава, нагласи тој.

Според него, најголемите критики во однос на Договорот се емотивни и врзани со терминот македонизам, онака како што е сфатен кај нас, во нашите перцепции.

– Наспроти тоа по мене вистинскиот атак до ниво на неуспешен атентат кон нашиот идентитет беше и се уште е кратенката ФИРОМ…Обидите кратенката да прерасне во име за држава фајромија, а ние во фајромци успеавме да ги осуетиме уште во почетната фаза, додаде тој.

Виолета Петровска Бешка од Институт за психологија се осврна на психолошките бариери на двете страни од границата.

Напомена дека првата бариера е идентитетот. Социјалниот идентитет е дел од идентитет на секој поединец и е поврзан со групите на кои им припаѓаме. Таа истакна оти е интересно како идентитетот се користи секогаш кога се говори против Договорот и тоа од двете страни на границата.

– Како и меѓународната заедница, така и ние сакаме решение, но не сметаме дека понуденото решение е навистина решение. Решението не може да биде на товар на националните чувства на земјата. Да за решение, но не за какво било, е цитат на изјава на политичар, кој таа го пренесе, а за кој рече дека многумина ќе помислат дека е кажан во земјава, но додаде дека е изјава на грчки политичар.

Таа го потенцира значењето на образованието како важен фактор во креирање на сите психолишки бариери. – Се уште имаме образование во кое отсустува критичко мислење, кое поттикнува колективизам и потреба од група поддршка. Недостига образование за демократска партиципација и социјална одговорност, додаде Петровска Бешка.

Амбасадорот Виктор Габер истакна дека кога во 19. век се одвивала државна концентрација на народите врз јазична и културолошка основа се етаблирале првите нации, а во најразвиениот дел на Европа успешно беше вграден митот дека тој дел ги влече своите корени од античка Елада.

– Недостатоците на сопствена вредна античка историја интелектуалните кругови во Париз, Лондон, Берлин…овие државно-правни и индустриско развиени општества го компензираа со изблиците за античка Елада и донекаде антички Рим. Со напорот да ги докажат своите цивилизациски корени во антиката, политичките елити на Западот се трудеа да ги отстранат опасностите од Османлиските војки, а жртви беа балканските народи кои во таа геополитичка битка ја видоа шансата за управување со својата судбина, нагласи тој.

Додаде дека современата создадена држава на Грците, нејзините најистакнати борци за слобода, а особено владетелите поставени од западните дворови во 19. век успешно го експлоатираат тој мит за корените на европските цивилизации во античка Елада за опстанок на тоаш младата држава и нејзниото евентуално проширување. Западот, додава тој, за неа го користи латинскиот израз Гречи, а не Елада, на кој современите Грци инсистираат.

– Некои напори во современата македонска историја од одредени политички фактори да извлечат корени за оваа актуелна држава со македонски народ и нација од македонското античко кралство се покажуваат како неприфатлив мит за европските и светските етаблирани научни и политички елити. Тој наш краткорочен и исклучив мит не успеа да се вгради во цивилизациската компонентна на античките вредности па затоа и така грубо беше згазен, појасни Габер.

Тој додаде дека Договорот од Преспа е доказ за цивилизациската константа – дека за постигнување суштински успешни развојни промени на внатрешен  и надворешен план на сцената треба да настапат два одлучувачки фактори – временскиот и лидерскиот.

Ирена Стефоска, академска историчарка вели во центарот на македонскиот национализам последната деценија беше митот за античкото потекло за нацијата, односно идејата дека постои директна врска и историски континуитет меѓу денешната модерна македонска нација и античкото кралство.

– Овој мит беше актуелен до пред една година кога државата директно  учествуваше во неговото дистрибурање, а  јавниот простор на нашиот град се уреди со цел визуелно да го одржи тој национален мит, додаде Стефоска.

Нагласи дека големата чувствителност на повеќето грчки граѓани кон ова прашање произлезе од длабоко вкоренетиот грчки национален мит дека наследството на античка Македонија е суштинско за колективната грчка национална свет и врзаноста за идејата дека потеклото на развиена  Европа е токму во  античка Елада и античка Македонија.

Додаде дека со Договорот прв пат е предвидена институционална соработка во сферите на образованието, културата, уметноста, спортот.

– Прв пат ваква соработка ќе биде отворена меѓу граѓаните на нашите земји. Овој вид соработка, како мерки за градење доверба ќе ја отвори вратата за преиспитување на закоренетите националистички приказни и национални митови за болките, траумите, правдите, неправдите, нагласи Стефоска.

Дипломатот Благој Зашов нагласи дека со меѓународното право е предвидено односите на две држави да се регулираат на рамноправна основа, но додаде дека таа рамноправност е релативна, што се покажало во случајот со Македонија и Грција, односно преку пресудата од Хаг.

– Случајот со Македонија е уште еден доказ дека меѓународното право не се почитува, ако силата на една земја е поголема во однос на друга, а таа е присилена да прифати услови кои не би ги прифатила под други околности, но би додал дека придобивките од спогодбата сепак ги исправуваат работите и таа долгорочно ќе се покаже како позитивна, нагласи Зашов.

Поврзани новости