За екстерните испити од државната матура се доставени вкупно 505 приговори и тие се разгледани и решени од страна на предметни комисии за приговори. Од нив се прифатени 212, што е околу 0,4% од вкупно прегледани 49.861 тест-книшки во овој испитен рок, соопштија денеска од Државниот испитен центар.
Од ДИЦ велат дека конечните резултати согласно пропишаната динамика на реализација на државната матура се доставени до училиштата на 22 јули.
Кандидатите кои приговарале имаат право на увид во тестот кој ќе се реализира утре (24.07) во просториите на Државниот испитен центар.
Прелиминарните резултати од екстерните испити од државната матура беа доставени до училиштата и објавени на 14 јули.
Освен тоа, секој кандидат можеше за сопствените резултати да се информира и на веб страната за државната матура www.matura.gov.mk.